Директорот како мотиватор на наставниот кадар

Како нај нагласуван збор во една институција е помот мотивација. Една од најважните задачи во работењето во училиштата е мотивираноста кај наставниците, која, пак, е тесно поврзана со работењето на директорот. Тој, како челник на училиштето, потребно е да има успешна комуникација со вработените, односно давање сопствен пример, храбрење и создавање предизвик.

Секој може да се мотивира себеси, но директорот треба да ги мотивира сите вработени. Мудроста, искуството и улогата на директорот во училиштето како менаџер и водач е насочена кон поттикнување и поддржување на промените во училиштето. Мотиви-рањето има големо влијание врз ефикасноста на работата во училиштата. Умешноста на директорот да ги мотивира наставниците е умешност да одржува искрена и јасна комуникација со секој поединец од училиштето. Таа комуникација да биде определена со делата и зборовите на директорот кон наставниот кадар.

Кога на еден директор му се доверува училиште со кое треба да управува, тој мора да создаде и одржува клима во која вработените ќе добиваат и меѓу нив ќе владее меѓусебна доверба. Најдобриот начин директорот да биде успешен во својата улога на водач на училиштето е да промовира напредок и развој, визии, насоченост, рамнотежа меѓу вработените и со вработените, да умее да насочува и мотивира. Одејќи во правец на промените, училишниот директор треба да се соочи со големи барања и предизвици. Тој тоа сам не може да го направи, бидејќи промените треба да ги прифатат и наставниците.

Спроведувањето на промените во училиштето директорот успешно ќе ги издржи ако нив ги сфати како процес на интеграција, дијалог, поставување цели, вредности, мислења и ставови. Промените во училиштето директорот треба да ги сфати како систем на заемна почит и праведност кон наставниот кадар. Само со таков директор наставниците ќе бидат мотивирани и среќни. Но среќата не е цел, таа е патување. Да патуваш низ промените со директор кој умее да те мотивира е вистинско задоволство. Многу директори треба да научат дека колку повисоко одат, толку повеќе треба да ги почитуваат тие долу.
Некои директори сметаат дека училиштето постои од нивното доаѓање! Зарем таквиот директор може да го мотивира наставниот кадар, зарем тој може да се справи со промените и да создаде во училиштето амбиент на соработка и визии!? Токму овa e лајт-мотивот на приказов, т.е. како може директорот да го мотивира и демотивира наставниот кадар. Затоа, наш иден директоре, почитувај ги сите луѓе, но внимавај на нивните лични интереси! Тие имаат право на свое мислење, победувај со одредена цел! Правилните нешта прави ги во првилно време, и што е уште поважно – по правилен редослед!

За да се биде успешен водач мора да се воочат квалитетите на вработените, притоа и да се усвојат. Но за да се воочат квалитетите на вработените, тие треба да се мотивирани, а мотивирањето не ниту едноставна ниту лесна работа. Тоа бара од водачот голема стручност и икскуство, интелигентност и снаодливост, промисленост и зрелост, флексибилност и организациски карактеристики, развиено чувство за одговорност, праведност и непристрасност, отвореност, чесност и достапност. Водачот треба да се грижи за своите луѓе, да се зазема за нив, да биде реалист, а во исто време и оптимист. Во демократскиот систем тој треба да е прв меѓу еднаквите и никогаш да не се потпира на својот авторитет, туку на својата стручност, личен пример искуства и на позитивните мотивациски средства – поттик, убедување, признанија.

Водачот треба да е добар слушател – така и другите ќе го слушаат. Тој треба да води грижа за своите вработени и околностите кои го опкружуваат. Кога е време да зборува водачот – треба да зборува. Кога зборува – треба да го каже тоа што навистина и вреди да се чуе.

Мотивирањето и активирањето во најразлични активности во организацијата (особено во образовните институции) е горчлив проблем на директорот и тој во процесот на мотивирање треба да ги преземе следните чекори: а) детерминирање на сопствени цели; б) разбирање и воочување тоа што ги поттикнува вработените; в) постојана комуникација со вработените; г) интегрирање на интересите и потребите на вработените; д) обезбедување услови за работа и ѓ) развивање на тимска работа.

Тргнуваjќи од ставот дека луѓето се суштества кои секогаш сакаат повеќе, потребите можеме да ги подредиме на пет нивоа – во вид на пирамида. Кога ќе се задоволат потребите од едното ниво, луѓето се мотивирани да го достигнат следното и така сè по ред до нејзиниот врв. Петте нивоа потреби на пирамидата се: 1) физиолошки потреби (кислород, вода, храна); 2) потреби за сигурност (чувство за сигурност, физичка удобност, потреба за ред и зштита од опасност); 3) потреби за љубов (припаѓање, пријателство, љубов); 4) потреби за почитување/ ценење (престиж, признание, самопочитување, личен имиџ, усовршување, мајсторство); 5) потреби од самопотврдување (креативност, инвентивност, ексцентрично однесување).

Луѓето ги мотивира желбата за сопствен успех, почитувањето, довербата, одговорноста, средината во која работат и живеат. Во некои ситуации и стравот може да биде моќна мотивирачка сила, но сето тоа е на кратки патеки.

Во нашите училишта последниве години продефилираа голем број промени, училишни програми и проекти со цел зголемување на инвентивноста кај наставните технологии. Спороведувањето на промените воопшто не е едноставно – почесто е тешко и бара разбирање. За таа цел, во училиштето е потребна голема мотивација која ќе го води наставниот кадар до остварување на целите на промените. Мотивацијата во училиштата се насочува кон идејата секој наставник да учествува во сите активности на училиштето. Исто така, ваќен чинител е и ефикасната комуникација, која, пак, од друга страна, ќе ја зголемува почитта и довербата меѓу вработените. Тимската работа е исто толку важна, бидејќи создава лична горделивост, влијае во усовршување и подготовка на плановите, поттикнува партнерство и ја развива соработката.

Мотивацијата е изразена и во насока на професионален развој, дополнително образование, учество на наставниците во семинари и прокти (промовирање на училиштето преку промовирање на наставниците). Само доколку сите овие услови се исполнат, мотивацијата во училиштето ќе биде акција за поставување и постигнување на целите за современо и за развојно училиште.

Како мотивациски средства наставниците предлагаат различни награди, се разбира, награди за вистински луѓе, луѓе кои ги заслужуваат. Директорот во училиштето треба да се стреми, кога ќе ги мотивира вработените, тие да знаат зошто се наградени и какво е тоа однесување кое и понатаму ќе доведе до добивање на признанија.

Во практиката се прават и грешки при наградувањето и доколку јавно се признаат, би се дало до знаење дека секое правилно однесување на наставниците нема да остане ненаградено и незабележано од страна на директорот. Тука ќе се навратам на зборовите на Доситеј Обрадовиќ: Мали се оние луѓе кои што учителската работа ја сметаат за безначајна!

Директорот во училиштето треба да воспостави систем на заемна почит и мотивирање на наставниот кадар. Без заемна почит несаогласувањата се мака без добивка! Затоа, влевајте почит и почитувајте – мотивирајте и ќе бидете мотивирани.

д-р Снежана Петреска

You May Also Like