Деновиве со свој став излезе новинарот и уредник во Македонската радио телевизија, Диме Ратајкоски, поврзано со негрижата за заштите на непроценливо културно наследство, при изградбата на финалната фаза од автопатот Кичево – Охрид. Да се надеваме дека властите правовремено ќе интервенираат и дека нема да се направи поголема штета.
“Почитувани,
Алармирам за совесност и голема внимателност при изградбата на делот од автопатот Кичево-Охрид, во пределот Подмоље-Еразмо-Охрид, каде што деновиве сме сведоци на активна работа на овој потег од автопатот, кој претставува „не/заштитено“ историско и културно подрачје од ранохристијанскиот период, комплекс Свети Еразмо (тврдина Енгелана) и ранохристијанска базилика и некропола. При изградбата на магистралниот пат Кичево-Охрид во 1974 година, на овој потег е откриен значаен наод – ранохристијанска базилика со раскошни мозаици и материјална култура, кои повеќе од половина век се недостапни за стручната јавност и публика. По рекогнистицирањето на истата, во 70-те години направени се првичните истажувања за потоа базиликата да се покрие со песок и оттогаш е оставена на забот на времето, не/документерана соодветно, не/доистражена некропола и надвор од туристичкиот простор и амбиент што го нуди охридско-струшкиот крај. Денес ова место покрај патот е комплетно зафрлено, руинирано, подложно на „диви“ археолошки активности. На 500 метри позади комплескот се наоѓа ДЕПОНИЈА, чие ѓубриште почнува од самата базилика. Дива трева и дрва, трња и ѓубре е туристичката глетка од овој импознатен историски/христијански локалитет, кои само го доуништуваат мозаичниот простор кој е ситуиран до брегот на Охридското езеро а деновиве станува градилиште во функција на изградбата на автопатот. Екипа на Телевизија Скопје (МТВ), во 1974-78 година, снимал и емитувал програма за базиликата, ексклузивните наоди и нејзиното историско значење. Емисијата „Виа Игнација-Свети Еразмо“ е емитувана во неколку наврати 70те-80те години, а скоро 40 години не е пуштена во етер. Во оваа прилика сакам да ја потсетам јавноста на еден мал фрагмент од истата, каде може да се забележи раскошниот мозаичен простор и масовноста на недоистражениот локалитет. За жал негрижата за културното наследство во Македонија од година во година е се поголема и ова е само една од многуте тажни слики кои свикнавме да ги гледаме и да живееме со нив. Се надевам дека овој прилог ќе стигне до надлежните кои ќе алармираат на внимателност при изградбата на автопатот и ќе одвојат финасиски средства за реотварање, истражување и јавна и туристичка презентација на црковниот локалитет Еразмо, кои заедно со тврдината Енгелана и некрополата се наше историско, културно, црковно наследство чија заштита и презентација мора да биде приоритетна.
Со почит, Диме Ратајкоски“