Владимир Величковиќ (1935, Белград, Србија), од 1966 година живее и работи во Париз. Во француската уметничка средина се наметна со сопствен идентитет, дополнувајќи ја француската уметничка сцена со нови вредности.
Париз го прифати и го верификува и со тоа што Величковиќ од 1983 до 2000 година беше професор на Ecole Nationale Superieure des Beaux Arts во Париз, во 2005 година е избран за член на Француската академија на убавите уметности (Academie des beaux – arts), а во 2007 година е одликуван со францускиот Орден за витез на легијата на честа, а одликуван е и со највисокото француско признание од областа на културата и уметноста. Во 1985 година е избран за член на Српската академија на науките и уметностите.
Пред да замине во Париз, Величковиќ е дел од возбудливата, креативната и ангажираната Белградска уметничка сцена во тогашната Југославија, каде што присутни беа млади уметници кои денеска се меѓународни величини, меѓу кои беа и Дадо Ѓуриќ и Урош Тошковиќ, кои му се сродни по некои егзистенцијалистички аспекти.
Уметноста на Владимир Величковиќ е меѓу сликарството на експресионизмот и надреализмот, кои преку една воздржана или отворена фантазмагорија, добиваат интелектуална смисла во егзистенцијализмот со човечката фигура во средиштето. Сцените во неговите слики и цртежи се апокалиптични, кошмарни и со застрашувачко дејство. Мефистофеловската и фаустовската заедница се простира и во светло-темните ликовни прашања (искуствата од Рембрант) во своевиден “барокен делириум”.
Фантазмагоричниот егзистенцијализам на содржински план оди до драстични состојби на поднесувањето, страдањето и смртта. Тоа е тежок и агресивен концепт набиен со грч и напнатост. Егзистенцијалните ситуации се огледуваат во свирепостите, гонењата и екстремните тензии, а човекот е постојано во друштво со темнината, празните подруми, препреките, сигналните рампи и столбови, координатните системи, столбови и жици, кучиња и глувци. Таканаречените Божествено добро и Божествено вистинито за кои се вели дека се услов човекот да биде Божествено човечен, не може да се разбудат ниту всадат во никого ако човекот не се воздржува од злото, бидејќи злото е моќна препрека и контрола.
Општиот впечаток за ова мајсторско сликарство во кое доминира цртежот, е морбидноста, а начинот на цртање и сликање е префинет (искуствата од Леонардо) без разлика дали е прецизен или е крајно експресивен и изобличен. Врвната уметност и ангажираното сведоштво живеат заедно. Затоа и неговите примери од историјата на уметноста ги наоѓаме кај Шонгауер, Гриневалд, Лука Кранах, Бош, Дали, Ернс, кај Дирер и кај Гоја. И секако кај Едвард Мејбриџ и неговите фотографии од кои се инспирирал и Френсис Бејкoн, кои се битни за ставот и за движењето на човечката или животинската фигура но и за силата на потсвеста.
Работи на многу циклуси за сеопштата светска кланица и за суровите војни во бивша Југославија, за социјалата, за верското лудило и за човечката глупост, за растроеноста од техничкото време, во кои на насилството, смртта и уништувањето како во клинч им се спротивставени побуната, движењето и отпорот. Тие во сликата ликовно функционираат како: црно=тензија=бело.
Се наметнува насловот на еден циклус на Величковиќ. Тоа е циклусот “Стрмна рамнина”, што како метафора прецизно е употребен од Фридрих Ниче, кој вели дека човекот по милениумските барања на одговорот за својата смисла во просторите надвор од овој свет, истиот тој човек влегол во уште по збунувачкиот ред на овој видлив свет: „Од времето на Коперник, човекот како да се нашол на некоја стрмна рамнина – тој се побрзо се тркала наниско – каде? Во ништо? Во ‘продорното чувствување на ништо’?”. Ова ни говори дека Величковиќ не е само одличен мајстор туку дека е прониклив патник по стрмната рамнина на која речиси половина милениум се води расправата за координатите на потеклото и смислата на човекот, и за координатите за потеклото и смислата на човечките деструкции.
Љубен Пауновски