Миодраг Костиќ: Македонската публика е жедна за независна театарска продукција

Од денеска (петок, 12 април) до 16 април, на сцената „Потковица“ во Универзална сала, ќе се одржи шестото по ред издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, чие мото е „Ослободи се!“. За „Лица без маски“, за Театар 007 и Мала сцена и за независната театарска сцена кај нас разговараме со директорот, Миодраг Костиќ.

cOoLTuRa.mk: Што ново ќе донесе 6-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“?

Годинешното издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“ нуди програма во која се застапени претстави кои се исклучително квалитетни. Тие се нови, свежи форми на истражувачки театар. Нудат современи театарски естетики. Тоа се приказни за обичниот човек. Приказни кои се револт на светската политика, на психолошкиот медиумски терор врз современиот човек. Претставите се своевиден повик за враќање кон внатрешноста, почитта на индивидуалецот, односно човечноста. Во денешно време кога постојано сме борбардирани со најразлични проблеми, се повеќе забораваме на сопственат и друштвената реалксација, социјализацијата, како основна човечка потреба. Претставите кои годинава ги имаме на репертоарот на „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“, без сомнение се одраз на авангардноста и жестокоста. Меѓу нив се „Деволуција“, во режија на Петар Пашов, а во изведба на независниот театар „Атеље 313“ од Софија, Бугарија. За прв пат во Македонија, ќе гостува и Академијата за театар од Рим, Италија, „СОФИЈА АМЕНДОЛЕА“, кои доаѓаат со нивниот најнов проект „Убиј ги децата“, во режија на Фабио Омодеи. Тука се и претставите на романскиот независен театар, „Создава. Глуми. Ужива“, кои во Скопје, ќе гостуваат со дуо драмата „Ова е твоето тело. Повели во моите мисли“, во режија на Александра Фелсеги. Покрај нив се уште и претставите „Рувензори“, од академскиот театар „Бранко Крсмановиќ“ од Белград, Србија, и полската претстава „Каменот на трпеливоста“, во изведба на Театар Западнија. Тоа се претстави во кои како ретко кога нашата публика ќе може да види што значи материјален театар, односно т.н. рециклиран театар, како производ на отпадоците кои ги оставаме ние луѓето зад себе. Ќе видиме претстави во кои доминира истражувачкиот и концептуален театар во кој доминира современата човечка свест, а исто така ќе имаме можност да патуваме преку театарските во нови простори на свеста и нашето постоење.

cOoLTuRa.mk: Мотото на фестивалот е „Ослободи се!“ на какво ослободување повикувате?

Годинешниот фестивалски слоган или мото претставува метафора за потребата која ја има секој поединец на светот за умствено и ментално релаксирање од сите стеги што го мачат, како што се најбаналните расправии со соседот, турските серии, вестите на телевизиите итн. Без разлика каде се наоѓаме, ние луѓето на денешницата се соочуваме со едни исти проблеми. Во текот на денот секому од нас му пролетува мисла во главата дека му е доста од политика, од финансиски проблеми, од расправии со соседите, од сообраќајните метежи, конспирациите и заговорите. Тоа не’ прави нас луѓето на денешницата стегнати и затворени во сопствената лушпа. Поаѓајќи од овие начела, а воедно и од содржинскиот аспект на селектираните претстави од официјалната програма на фестивалот „Лица без маски“, решивме да упатиме порака до нашата публика, дека е време да се ОСЛОБОДИМЕ од сите внатрешни и надворешни стеги и да се опуштиме со помош на театарот, кој секогаш е местото во кое можеме да пронајдеме нов свет, нова визија и нови простори на умественото размислување, како контрапункт на реалноста.

cOoLTuRa.mk: Што е Мала сцена во Универзална сала?

Малата сцена претставува пред се’ успешна соработка помеѓу јавна институциија и независна театарска продукција. Од друга страна тоа е тетарска сцена во која можност за изразување ќе добијат сите тетарски работници кои сакаат да творат независно и со предзнакот на алтернативност. Со оглед на тоа што во изминатава година беа реализирани низа театарски претстави, не само во продукција на Театар 007, туку имаше и гостувања и од други наши колеги, радосни сме како независна продукција што од година во година, бројката на заинтересирани индивидуалци и групи за заедничка соработка со нас е се поголема и поголема. Во изминатите три години на „Малата сцена“, беа реализирани редица хуманитарни настани, волонтерски акции, детски претстави… едноставно тој простор заживеа како мини културен центар во кој може да работи секој што сака да твори независно. Од отворањето на новата сцена на Универзална сала, до денес се обидуваме да ја наметнеме потребата кај скопската публика дека на овој сценски простор се случува редовен репертоар на театарски претстави. И сметам дека успешно ја резлизирам идејата која ја започнавме со создавањето на овој простор.

cOoLTuRa.mk: Театар 007 има свој репертоар, а од неодамна и своја театарска школа – што може да се научи во неа?

Идејата за училиштето за театар е последица на неколку годишните работилници кои ги организираше ТЕАТАР 007, со волонтери од Европа и Македонија, на кои се изучуваа основите на актерската игра, режијата, драматургијата, но и како последица од се поголемиот интерес на родители и деца за театарска едукација. Благодарение на искуството во оваа област во минатите години на Игор Ивковиќ, магистер по театарска режија и актерот и пантомимичар Дарко Вељиќ, кои се и редовни предавачи во училиштето, создадовме програма која концептуално и методолошки се разликува од сите досегашни актуелни училишта за театар, од причина што во нашето училиште децата го изучуваат актерскиот „занает“, по пат на дидактички игри, потоа преку игри за социјализација, креативност, вештини на говорење, пишување. Целта на училиштето е преку таквите игри, учениците да стекнат самодоверба, да ја поттикнат внатрешната креативност, а заедно со предавачите да создаваат и актерски ролји и цели претстави. Морам да кажам, дека интересот за оваа програма на Училилштето за театар „Од игра до претстава“, е се поголем и радосни сме што децата, а особено родителите ги препознаа квалитетите кои ги нудиме за социјализацијата, психолошкиот и креативен раст на најмладите вљубеници во оваа благородна уметност – театарот.

cOoLTuRa.mk: Како функционира независната тетарска сцена во Македонија и вие во неа?

Театар 007 е можеби еден од повеќето независни театри во Град Скопје кој работи со редовен репертоар во Универзална сала. Веќе 3 години до сега, искуството вели дека скопската, но и македонската публика е жедна за независна театарска продукција, која е различна по форма, естетика, но и по содржина од државните театри. Претставите кои се застапени во Театар 007, ја негуваат современата тетарска естетика во која изобилува знаковноста, симболиката, игривоста. Тоа се претстави кои на наративен план се ослободени од сите идеологии, стереотипи, догми и предрасуди. Иако морам да кажам дека е многу тешко во денешно време на недостаток на финасии да се „пробиеш“ на пазарот на кој за независноста се послабо се има слух, генерално и за културата, но нашата борба и идеја за опстанок на оваа сцена не натера да бидеме храбри се со цел да понудиме нешто ново и различно. Сметам дека културното живеење во Скопје, па и Македонија има потреба од поактивна независна театраска продукција како што тоа е пример со земјите од нашето соседство, а да не зборуваме за подалеку.

cOoLTuRa.mk: Имате ли публика и каков тип на публика доаѓа?

Во изминативе неколку години, се потврди нашата претпоставка дека на Скопје, навистина му е потребно независна продукција. Факт се бројните посетители кои што ги имаме на нашите претстави. Можеби ќе звучи некромно, но навистина има претстави за кои скопската и македонската публика бара билет повеќе. Би бил нереален доколку би кажал дека посетата на претставите кај нас независните зависи од голем број на фактори, како на пример ограничените финансиски ресурси за маркетинг, но и без друго со алтернативни средства кои и ни доликуваат, успеваме да се наметнеме силно и посветено пред македонската јавност и да допреме до нив.

You May Also Like