Интервју со Благој Мицевски, уметнички директор на Народниот театар од Битола и на интернационалниот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“ кој од 21 јуни до 1 јули се одржува во Битола.
Благој Мицевски дипломирал на Институтот за облека и текстил на Универзитетот во Загреб, Хрватска. Добитник е на девет национални награди за најдобра костимографија на театарски фестивал “Војдан Чернодрински”, Прилеп, Македонија и една награда за најдобара сценографија. Во периодот од 1990 до 2010 година реализирал над 1000 костимографии и 15 сценографии во сите професионални театри во Македонија, неформални театарски групи, современи танц компании, ТВ – продукции, два филма и една опера, во режија на домашни и странски автори.
Во периодот од 2005 до 2010 година работел на претстави и во националните театри на Тирана, Приштина, Котор, Љубљана, како и балетска претстава во академијата за танц во Ротердам, Холандија. Како режисер се има појавено во три претстави кои со успех се одиграни на фестивалите МОТ, Охридско лето, „Ристо Шишков“ и фестивал во Албанија. Од 1992 до денес е постојано вработен во НУ Народен театар Битола како костимограф. Последните 6 години работи како уметнички директор во Народниот Театар Битола и Интернационалниот Шекспир Фестивал. Во меѓувреме магистрираше театарска режија и со успех поставува претстави од домашни и странски автори.
Пет години Битола Шекспир фестивал. Како после пет години, како гледате од вашата идеја до реализацијата…Задоволни ли сте со она што го постигнавте?
– Да, задоволен сум затоа што фестивалот од година во година бележи нагорна линија, интересот за него расте, и од страна на театарските компании кои сакаат да учествуваат и од страна на публиката која ги полни салите на сите изведби. Исто така, слободно може да се каже дека фестивалот е веќе на свои нозе и има свој специфичен и силно препознатлив карактер во смисла на тоа дека покрај домашните претстави кои за среќа ги има се повеќе, постојано има и големи странски компании. Овој театарски фестивал во годините што изминаа претстави многу егзотични култури и театри од целиот свет, презентираше најразлични претстави инспирирани од делото на Шекспир, како и различни читања на неговото бесценето драмско творештво. Од особено значење е што во овие пет години организиравме голем број на работилници, разговори и друг вид на соработки со истакнати шекспиролози, проучувачи и професори во чија специјалност е целокупното творештво на Вилијам Шекспир.
Може да се навратиме на почетоците…. Зошто „Битола Шекспир“ фестивал токму во Битола?
– Затоа што, Битола заслужува голем театарски фестивал, затоа што како најстар театар во Македонија, има уметнички и технички капацитет да реализира таков фестивал, затоа што има публика, затоа што има најмногу наслови од Шекспир кои се поставени на сцената, бидејќи тоа сеуште го прави во континуитет, и уште повеќе сака да се етаблира и промовира како важен театарски центар во регионот и пошироко. И да се потсетиме дека најважно од се, фестивалот всушност е логично продолжување на нашиот, сега веќе историски, настап во легендарниот Глоуб Театар во Лондон 2012 година.
Што подготвивте за годинашното јубилејно издание?
– Годинашново издание нуди обемна програма од 12 претстави од кои, половината се од домашни театри, а половината од странски компании. Посебно се радуваме што многу театри се осмелија да го постават Шекспир во Македонија и што ќе имаме можност директно да видиме што и како работат нашите колеги, а фестивалите секогаш се уникатна можност да се направи тоа. За прв пат имаме гостување од Романија и од Словачка, но и од егзотичниот Казахстан, а веќе традиционално секогаш имаме претстави од Русија и Америка. Се на се, богата програма од ревијален карактер за сите вкусови и генерации по нешто, но и дела од Шекспир кои за првпат се на фестивалот како бугарската претстава „Симбелин“ на пример.
Овој фестивал ви отвори многу нови можности за соработка… Пет години прославува и соработката со Лит мун театарот од Калифорнија. Што значи за битолскиот театар оваа соработка и кои се вашите идни планови?
– Компанијата Лит Мун и режисерот Џон Блондел се всушност и постојани поддржувачи на фестивалот и соработката со нив се одвива континуирано, со меѓусебните гостувања, тука и во САД. Минатата година реализиравме и проект со мешани авторски и актерски екипи кој беше прикажан во Битола, а потоа и во Санта Барбара. Соработката продолжува и со нашиот најнов проект „Сон на летната ноќ“ кој премиерно ќе биде изведен на фестивалот „Охридско лето“ и најверојатно во следна прилика во САД, а публиката во Битола ќе има уникатна можност да ја проследи нивна женска верзија на претставата „Ричард трети“. Нашите продукции на претставите „Отело“, „Хенри Шести“ и „Антоние и Клеопатра“, освен во САД, се изиграа и на фестивали во Кина, Израел, Србија и Русија, сето тоа благодарејќи на овој фестивал.
Програмата за Битола Шекспир фестивал е објавена на веб страницата на Европската асоцијација на Шекспир фестивал. Може ли реално да кажеме каде е местото на Битолскиот фестивал на европската мапа?
– Па откако фестивалот е дел од Европската Асоцијација на Шекспир Фестивали и го има на нивната веб страна, интересот за него е двојно зголемен во смисла на тоа дека сме подостапни и во друштво со значајни фестивали во Европа. Исто так,а не може да се занемари и фактот дека по принципот на препораки побрзо се стигнува до претстави кои се заинтересирани да бидат дел од некои од овие фестивали, вклучувајќи не и нас. Фестивалот се бори за свое место во листата на фестивали кои имаа подолга традиција или поголеми можности за реализација и до сега тоа успешно го прави во смисла на тоа дека добиваме честитки за обемната и интересна програма со оглед на нашите скромни финансиски можности во однос на останатите Европски фестивали од овој вид.
Кои се насоките на развој на Битола Шекспир фестивал во годините што следат?
– На фестивалот му посакувам да опстане и да живее долго без разлика што ќе се случува со него. Тешко е да се предвидува или однапред планира подолгорочно, затоа што неговиот живот зависи од повеќе фактори. Како и да е, мислам дека истиот лесно може да стане сериозен и многу репрезентативен културен бренд за Битола и Македонија. Преку овој фестивал и македонските претстави лесно може да се пласираат на значајни фестивали, затоа што Шекспир е секогаш актуелна и секаде застапена тема. Ние веќе имаме интерес за идното издание и голем е бројот на компании кои од повеќе причини не успеавме да ги донесеме годинава но за кои би имале повеќе време да ги организираме и донесеме идната година, како од Чиле, Грузија, Иран, Египет на пример, но и значаен акапела концерт на познати уметници од Полска со Сонетите од Шекспир.