За отворањето на 36-то издание на МОТ како специјални гости со целовечерен концерт ќе настапат култните Tuxedomoon. Групата доаѓа во оригинална постава, а оваа турнеја е наречена “30 and something years of Tuxedomoon” на која ќе бидат презентирани најистакнатите дела на бендот. Концертот ќе се одржи на платото пред МКЦ на 21 септември 2011 година.
Tuxedomoon се основани дамнешната 1977. година во Сан Франциско од Блејн Л. Реинингер (Blaine L. Reininger) и Стивен Браун (Steven Brown), обајцата студенти кои се запознаваат во лабораторија за електронска музика на градскиот колеџ. Откако им се придружува Питер Принсипл (Peter Principle), бендот започнува со првите настапи.
Под големо влијание на она што се случува на музичката сцена во Европа во тоа време, бендот ги спојува влијанијата од панкот и new wave-от со сопствените артистички стремежи, па не е чудо што првите концерти ги одржуваат на необични места, оплеменети со соработка со визуелни уметници.
Првите две изданија кои ги објавуваат самостојно, поволно одекнаа ширум соединетите држави, па бендот успешно склопи сојуз со уметничките истомисленици од источниот брег – екипата на Енди Ворхол (Andy Warhol), што по скратен пат ги доведе во Њујорк и ги направи неочекуван дел на тогаш надојдената no-wave сцена.
По враќањето во Калифорнија бендот ги контактира The Residents, на чија етикета Tuxedomoon потоа и прават некои од своите класични ремек-дела. Спојот помеѓу надреалистичките визуелни решенија и храброто пркосење на жанровската дефиниција во музиката, им донесе наклоност на критиката но и публика од двете страни на атлантикот.
По американската турнеја 1980. бендот го продолжува патувањето и по Европа. Воодушевени од тамошниот сензибилитет и разбирањето на нивната музика, членовите донесуваат одлука да се преселат на стариот континент.
По половина година поминати во Ротердам, нова преселба во Брисел ќе означи почеток на една од најплодните фази во работата на Tuxedomoon. Во текот на целите 80-ти бендот експериментира, твори и свири на турнеи, хранејќи се со плодната атмосфера на културна размена каректиеристична за Брисел.
Иако 1989. членовите одлучуваат официјално да стават точка на работа со групата, соработката продолжува низ трудови за музика за балет, филм, телевизија Brown, Principle i Reininge 1997. година се среќаваат и работат заедно 1997. година на Фестивалот во Тел Авив и ќе бидат изненадени од приемот кај тамошната публика.
Понатамошните настапи на фестивалите во Грција и Италија резултираат со подеднакво блескав прием, што ги наведува на идејата повторно да го дигнат бендот под името Tuxedomoon. Канската премиера на филмот Downtown 81 (за њујоршката сцена од раните 80-ти, чии членови се и Tuxedomoon) во 2000. година е уште едно делче од сложувалката.
Конечно, средбата со DJ Hell, и неговиот ентузијазам спрема Tuxedomoon (објавувањето на ремиксот на песната од Tuxedomoon „No Tears“), потпомогнат од толпа од 50.000 луѓе на журката одржана на плоштадот во Мексико Сити, вбризгува еден нов живот на бендот и ги поттикнува на соработка со младите електронски уметници, но и на повторно тргнување на турнеја.
Од тогаш овој бенд свири без многу починка, воглавно по Европа – од Шпанија до Русија, направен е цел албум со ремикси од страна на современите танцови и електронски продуценти и објавен е концертно DVD со снимка на настапот од Санкт Петербург.