Денеска (1 февруари, сабота), во Капан Ан се одржува несекојдневен настан „Polar takeover“ , кој ќе ја отвори овогодинешната клабинг сезона. Вечерва гостува еден од основачите на драменбејс жанрот– Agnar Agnarsson, попознат како Agzilla.
Се работи за жива легенда на електронската музичка сцена – оригинален член на составот Rufige Kru (заедно со најзначајната фигура на драменбејсот Goldie) и еден од ведетите на култната лондонска дискографска куќа “Metalheadz”.
Дека навистина се работи за посебна вечер, зборува тоа што покрај Agzilla ќе настапи и еден од најзначајните електронски музичари од поновата генерација – Bjarni Kjartansson aka Muted.
Практично, на скопската публика ќе ѝ биде преставено она што е моментално најквалитетно на една од најинтригантните сцени на светот – Исланд (земја која ги изнедри едни Bjork, Gus Gus, Sigur Ros. . .)
И да биде претставувањето на современата уметност на оваа арктичка земја комплетно, се погрижи Siggeir Hafsteinsson aka Sig Vicious, кој го дизајнираше комплетниот промотивен материјал за настанов. Станува збор за еден од најталентираните визуелни уметници на денешницата – главен дизајнер на “Metalheadz” и омилен соработник на иконата Goldie. Најновата, оригами верзија на препознатливото лого на “Metalheadz” е произлезена од перото на овој Исланѓанец, а оние кои најрано ќе се појават во сабота на влезот во Капан Ан, ќе добијат налепница со споменатото лого – подарок од Sig Vicious лично.
Кон богатата програма на настанов се придодава и импресивна домашна поддршка – најпродуктивното македонско драменбејс дуо Anomalia Nativa и веќе докажаниот диџеј Nultabyte (Neuritmix).
Со оглед дека оваа мултимедијална екстраваганца носи назив „Polar Takеover“, за доловувањето на арктичката ледена атмосфера, ќе се погрижи магот на холограмските визуелизации Александар Атанасовски – Мутер.
Поларното патување започнува на полноќ