Краткометражниот филм „Влакна“, работен по сценарио и во режија на Елеонора Венинова, а во продукција на Partes Social Advertising ќе биде премиерно прикажан утре (понеделник) во 18:00 часот на Малата сала на Центарот за култура во Битола, во рамки на програмата „Македонска панорама“ на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Развивањето на приказната на „Влакна“ почна токму на овој фестивал, на неговото 32. издание, кога во рамки на сценаристичкото катче се развиваше сценариото за долгометражниот игран филм во четири дела „Фуга“, а еден од деловите е токму филмот кој вечерва ќе биде премиерно прикажан пред публиката.
Станува збор за драматична крими-приказна која има ангажиран контекст. Филмот е централен дел од неколку активности кои за цел ја имаат промоцијата на активизмот во креативните индустрии.
Главните улоги ги играат Ирена Ристиќ и Бојан Жировиќ, а глумат и Слаѓана Вујошевиќ и Марија Арсенкова. Продуцент е Небојша Илијевски. Кинематографер е Димо Попов, монтажата е на Бошко Столиќ, автор на музиката е Дејан Спасовиќ, сценографијата е на Филип Велковски и на Никола Анѓелковски, а изборот на костими го направи Верица Андреевска – Спасовиќ. Асистент на режија е Ивана Стевановска.
Филмот се снимаше на повеќе локации низ Скопје, на Скопска Црна Гора, како и во Битола. „Влакна“ е поддржан од Филмскиот Фонд на Република Македонија, а освен активистичкото вклучување на поголемиот дел од тимот во неговата реализација, остварувањето го поддржуваат и „OVS“, „Magnetic Group“, ресторанот „Антица“, „Лице в лице“ – регионалната платформа за активизам и Агенцијата за социјален адвертајзинг „Партес“.
Активизмот при продуцирањето на „Влакна“ ќе биде и една од темите на работилницата за ангажиран филм “Booster movies workshop“ која ќе се одржи во среда, на 18 септември во рамките на „Браќа Манаки“, а се реализира во соработка со регионалната платформа за активизам „Лице в лице“, „Партес“ и програмата „Нови визии“. Во фокусот на настанот ќе биде и ангажираната приказна на Диего Квемада-Диез во гватемалскиот филм „Златен кафез“ кој премиерно ќе биде прикажан на фестивалот во вторник, 17 септември, во програмата „Нови визии“.Работилницата ќе го отвори прашањето за влијанието на ангажираниот филм врз општествените промени, ќе биде презентиран и ретроспективен приказ на вакви дела, а ќе се отвори и дискусија на оваа тема.