„Џанго Разузданиот“ на Тарантино доаѓа во Македонија

Најновото филмско остварување на Квентин Тарантино „Џанго Разузданиот“ кој имаше одличен и успешен старт пристигнува во Македонија. Филмот ќе ја има својата предпремиера на 16 јануари, и почнувајќи од 17 јануари ќе биде поставен на редовниот репертоар на киното Cineplexx.

„Џанго Разузданиот“ го започна својот пат кон големото платно пред десетина години, кога режисерот, Квентин Тарантино, почнал да размислува за главниот лик во филмот. „Основната идеја на оваа приказна беше роб, кој станува убиец и ловец на награди“, објаснува режисерот и додава: „Отсекогаш сум сакал да работам вестерн филмови и од сите, најомилени ми се шпагети вестерн“. Според зборовите на Таратино вестерн филмовите претставуваат мајсторско отсликување на доброто и злото и тој жанр најдобро одговара на неговата приказна за роб кој сака да ја спаси својата жена од озлогласените плантажи.
Филмот е сместен на југот на Америка, две години пред почетокот на Граѓанската војна. Џанго е роб, кој суровото минато и искуство со претходните сопственици го водат лице во лице со германскиот ловец на глави, Др.Кинг Шулц.
Тарантино како и секогаш ги собра на едно место најдобрите глумци, Џејми Фокс, Кристоф Волц, Леонардо Ди Каприо, Семјуел Л. Џексон. Во филмот се појавува и Франко Неро, кој во дамнешната 1966 година ја одигра улогата на оригиналниот Џанго.

You May Also Like