Издавачката куќа „Македонска реч“ неодамна ја објави фолклористичката студија на проф. д-р Нина Анастасова Шкрињариќ „Триножникот на Цепенков и каучот на Фројд“, со поднаслов „Психоаналитички концепти во сказните“.
„Триножникот на Цепенков и каучот на Фројд (психоаналитички концепти во сказните)“ е книга која нуди еден поинаков „клуч“ за читање и разбирање на сказните. Во прашање е базичен осврт кон психоаналитичката интерпретација на сказните и нивното длабинско-психолошко (архетипско) толкување. Трудот е изведен како своевидна психоаналитичка дискусија во која главниот збор го имаат двете водечки имиња од старата „гарда“ психоаналитичари – генијалниот Сигмунд Фројд и брилијантниот Карл Густав Јунг.
Со оглед на тоа дека Фројд и Јунг, во еден момент се разминуваат во своите ставови и тргнуваат по различни патеки (Фројд ги разгледува сказните како израз на „личното несвесно“, а Јунг се интересира за „колективното несвесно“ во сказните, митовите и соништата), трудот се повикува и на „медијаторството“ на Бруно Бетелхајм, кој ги дава најдрагоцените согледби за значењето на сказните за детската психа. Во таа смисла, книгата функционира како отворена психоаналитичка расправа во која наизменично се редат и се надоврзуваат ставовите на Фројд, Јунг и Бетелхајм, а читателот е сведок на еден стручен разговор за сказните (наместа полемичен, но пред сè – поучен!).
Примарната интенција на оваа книга е да го задоволи љубопитството на еден поширок круг читатели. Таа не е наменета само како стручна литература за изучување на фолклористиката, туку и за поширок круг читатели – на сите оние кои ги сакаат сказните, но и за родителите и за наставниците кои вообичаено стравуваат дека сказните се „деликатно четиво“ поради тоа што содржат премногу жестоки и сурови детали, кои можат да ја повредат нежната детска психа. Во врска со тоа, авторката пишува:
„Дали сказните со сурови и аморални секвенци (морбидните сцени на сакатење, канибализам, инцест, морничави убиства) може да ја повредат нежната детска психа? Дали се опасна и непедагошка лектира? Треба ли да се „прохибираат“ сказните коишто сатанизираат и во кои има аморалност, суровост и садизам?
Оваа книга им е посветена на тие дилеми и ги рехабилитира сказните, за кои психолозите веќе докажаа дека се благотворни за детската психа. Преку ставовите на водечките имиња на психоанализата – Фројд, Јунг и детскиот психотерапевт Бетелхајм, се докажува дека сказните се неопходни за канализирање на детската агресија и дека треба да се користат како своевидна `библиотерапија` против стравовите. Наместо потиснување, сказната нуди драгоцена можност детето да се соочи со содржините на несвесното, да ги екстернализира несвесните пориви и да ги преработи по пат на преосмислување и прераспоредување во својата фантазија.
Сказните ја развиваат фантазијата, но нудат и готови модели за разрешување на разни проблеми со кои се соочува детето. Психоаналитичките концепти на Фројд, Јунг и Бетелхајм, се поткрепени со конкретни сказнични примероци, а покрај Гримовите бајки, во оваа `психосеанса` рамноправно учествуваат и Цепенковите приказни. Токму затоа, каучот на Фројд и триножникот на Цепенков се најдоа во истата `приказна` за сказните и за детските соништа“, пишува Нина Анастасова Шкрињариќ.
____________________________________________
Д-р Нина Анастасова Шкрињариќ е професор на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде ги предава предметите: Македонска народна книжевност (Македонска народна поезија и Македонска народна проза), Митопоетика, Словенска митологија и Психоаналитички концепти во фолклорот.
Дипломирала на групата за Општа и компаративна литература на Филолошкиот факултет во Скопје, завршила постдипломски студии по македонистика на истиот факултет и магистрирала и докторирала на теми од областа на фолклористиката. Покрај фолклористичкиот домен, се занимава и со проучување на словенската митологија, но и со митот воопшто (митопоетика, историја и теорија на мит), а актуелна нејзина преокупација се психоаналитичките и социолошко-антрополошките интерпретации на фолклорот (примарно, антропологијата на фолклорот).
Автор е на книгите: „Панајот Ѓиноски – истражувачки релации“, (Менора: 2000); „Словенски пантеон“ (Менора: 2004); „На чекор до епопеја“ (Табернакул: 2007), „Митски координати“ (Македонска реч: 2008), „Фолклорни социјални фосили“ (Македоника литера: 2011).
Во доменот на учебникарството, Анастасова Шкрињариќ се јавува како автор и коавтор на повеќе прирачници и учебници по македонски јазик и литература, а од нејзиното „перо“ произлегле и бројни стручни предговори и поговори за разни научни и уметнички изданија.