Министерството за култура во партнерство со општините петта година по ред ја организира манифестацијата „Топол културен бран“. Годинава „бранот“ е во два периода – од 20-ти до 31 јули и од 20-ти до 31 август.
Граѓаните на местата кои немаат редовен културен репертоар ќе можат да погледнат 60-тина содржини од различни сегменти на културата.
Културната понуда на националните установи ќе биде достапна за жителите од 25 општини во Македонија, а критериум за да бидат избрани на конкурсот е општините да имаат и инфраструктурни капацитети за гостувања.
Годинава имало интерес и војводинската општина Панчево, во која живеат голем број Македонци. Освен Панчево, одбиена е и пријавата на Кочани, бидејќи како град на културата во 2012 има посебна програма за култура.
„Топлиот културен бран“ досега го доби статусот на омилена манифестации меѓу граѓаните на помалите градови, кои досега погледнаа повеќе од 400 културни настани во нејзини рамки.