Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, во едицијата „Тера македоника“, неодамна ја објави книгата „Словенска алка“ на проф. д-р Науме Радически.
„Словенска алка“ е обемна публикација која претставува избор на над четириесет текстови на авторот кои, всушност, се студии за литературни проблеми, теми и автори од поширокиот словенски круг.
Еден дел од текстовите се однесува на развојните и на типолошките развојни карактеристики на македонската литература во јужнословенски и во општословенски контекст и на меѓусебните релации на македонската литература со другите литератури од словенското литературно заедништво.
Друг дел се со доминантно имаголошка природа. Тоа се студии за тематските релации на словенски автори со македонската земја и култура. Некои дела и автори од другите словенски литератури, со македонските специфичности, пак, се компарираат поради сродност или истопојавност на некои вредности.
„Словенска алка“ е исклучителен труд на потврден автор, истражувач и аналитичар на словенските книжевни заемности и е драгоцен прилог кон македонското национално учество во меѓусебните проследувања и вреднувања во сферите на литературата и културата на словенските народи.
————————————–
Науме Радически е роден 1953 година во Дабово (Мешеишта) кај Охрид. Основно училиште завршил 1968 во Дабово, а средно 1972 год. во Охрид. На Филолошкиот факултет во Скопје во 1975 год. завршил студии по историја на југословенските книжевности, а на Филозофскиот факултет студирал историја на уметноста со археологија.
На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на кој работи безмалку три децении, магистрирал (1981) и докторирал (1990), а сега е редовен професор по современи јужнословенски книжевности. Уметничката, критичарската и научноистражувачката актива на Радически е разновидна: поезија, литературна и ликовна критика, литературна историја, есеистика итн. Поедини негови поетски творби, критичко-есеистички текстови и статии од литературната наука се преведувани на други јазици. Самиот тој преведува од другите јужнословенски јазици. Освен македонската литература во минатото и во современоста, негова научна преокупација се особено некои спојни теми во јужнословенскиот книжевен контекст како: македонските теми во другите јужнословенски книжевности, делото на Македонците кои во минатото создавале литературно творештво на другите јужнословенски јазици и др. Учествувал или учествува во уредувањето на весници и списанија како Литературен збор, Стожер, МИТ, Македоника и др. Составувач е на некои избори од македонската литература, како Дванаесет векови македонска книжевност (1997) итн.
Ги објавил следните книги:
Поезија: Постоења и мотиви (1975), Светол тажен вик (1984), Контрасти (1992, наградата на Културно-просветната заедница на Македонија), Преображение човеково (2001), Астрални проекции (2008, 2012).
Критичко-есеистички и научно-истражувачки трудови: Критички интерпретации на младата македонска литература (1983), Релации и континуитет (1996), Метаморфози (1999), Време без збор (2000), Патишта и крстопати низ јужнословенските книжевности (2004, наградата на ДПМ „Димитар Митрев“), Литературна раскрсница (2006, државна награда „Гоце Делчев“), Аналитички рефлексии (2007), Литературните погледи на Димитар Митрев (2009), Словенска алка (2011).