„Рио бар“ од Ивана Сајко во издание на Блесок

Како дел од едицијата с.р. (современ роман/своерачно), Блесок го објави романот „Рио бар“ на Ивана Сајко, во превод од хрватски на Игор Исаковски.

Книгата е објавена со поддршка на ТРАДУКИ, мрежа за книжевност во која членуваат Министерството за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Министерството за надворешни работи на Федеративна Република Германија, Фондацијата за култура Про Хелвеција од Швајцарија, КултурКонтакт од Австрија, Гете институт, Словенечката агенција за книга, Хрватското министерство за култура и Фондацијата С. Фишер.

Ивана Сајко е писателка и режисерка. Дипломирала драматургија на Академијата за драмска уметност и магистрирала на Филозофскиот факултет во Загреб. Членка е на уредништвото на списанието за изведбени уметности Фракција и книжевното списание Тема. Била уредничка и водителка на тв-емисијата за современ театар В-ефект, а повеќе години предавала на отсекот за драматургија на Академијата за драмска уметност во Загреб. Ко-основачка е на театарската група БАД ко. каде до 2005 година делувала како драматург и режисер, за подоцна да продолжи да режира и да ги изведува своите текстови во хибридна изведбена форма на автореференцијално читање, експериментирајќи со проблемите на односот помеѓу драмскиот текст и изведбата, базирајќи ги своите претстави на соработка со музичари.

Добитничка е на повеќе награди за книжевност и театар, книгите преведени на светските јазици, а драмските текстови поставени на сцени и на радија ширум светот. До сега ја објавила збирката драми Погубени лица (2001), драмската трилогија Жена – бомба (2004), романот Рио бар (2006) награден со признанието Иван Горан Ковачиќ за најдобро прозно дело, теориската книга Кон лудилото (и револуцијата) (2006) во која ги тематизира односите на политичките и естетските нормативи наспроти креативното мислење, и романот Историја на моето семејство од 1941 до 1991 година, и потоа (2009). Во соработка со композиторот Дејвид Симсон го издала ЦД-то Mass for election day silence (2004).

___________________________________________

За книгата:

Факт е дека Ивана Сајко со своите текстови, како ретко кој, му реплицира на моментот. И тоа не еднаш.

Radio 101

Нејзиниот текст е всушност долг внатрешен монолог, трескавично истресена струја на свеста.

Frankfurter Rundschau

Таа се занимава со темнините на човечката природа и во тоа вложува жестока интелигенција и страст. А при тоа е и во врвот на својот занает.

The Australian

Нејзиниот ракопис е комплексен и повеќеслоен, фокусиран на вртоглави премини помеѓу самата авторка и нејзиниот лик.

The Age

Циничен гест против „модерниот, имашлив и калоричен“ менталитет. И сето тоа со бучен коментар.

 

You May Also Like