„Ретроспективна изложба“ на Јасна Димитровска и Драгана Заревска во Музеј на град Скопје

Утре вечер (петок, 13-ти јули 2012), со почеток во 21:00 часот во просториите на Музејот на Град Скопје ќе се отвори изложбата „Ретроспективна изложба“ на Јасна Димитровска и Драгана Заревска, која ќе трае дo крајот на месецот. Изложбата е курирана од Бојана Јанева-Шемова.

„Ретроспективна изложба” е пародија и карневализација на наводно предетерминираните успеси на еден уметник. Во рамките на изложбата е прикажано создавање на имагинарни семејни приказни за претци-уметници кои му помагаат на фрустрираниот уметник без семејно артистичко педигрe, да стекне легитимитет и уметнички имунитет преку користење на т.н. „вештачко колено”, т.е. преку креирање/измислување на сопствената историја. „Вештачко колено” е одговор на општеството кое го спречува поединецот слободно, без последици да премине од една во друга професионална семејна традиција.

Словенечниот теоретичар Алдо Милохниќ во неговата книга Teorija sodobnego gledališča in performansa (2009), го дискутира постоењето на, како што тој го нарекува – „уметнички имунитет”. Таквиот имунитет се добива/доделува заради вршење на уметничка пракса, и со негова помош се стига полесно до бенефиции и олеснувања од секаков тип, како и до извесна мера да личноста која го ужива биде исклучок од некои правни и општествени нормативи. „Ретроспективна изложба” е еден вид перформативитет на таквиот уметнички имунитет кој му дозволува на уметникот да го стекне набрзина преку измама, и потоа да ужива во исклучителноста на својата позиција во друштвени и правни рамки, со притоа стопроцентно загарантирана реализација на неговата/нејзината разгаленост и каприци. Со други зборови, овој проект е една физичка изведба на изразот: „Работи за своето име за тоа подоцна да работи за тебе”.

————————————————————————-

Патентирано од Заревска и Димитровска како неопходна социјална и психолошка алатка за лишените од уметничка лоза уметници. Опфаќа темелен и добро обмислен процес на лажење на себеси и другите преку интеграција на лажни претци во склоп на семејното дрво – наводно реномирани уметници. Дел од симптомите кои ги предизвикува „вештачкото колено“ кај спектаторот се: несигурност, разнишана самодоверба, како и преиспитување на сопствените знаења од областа на историјата на уметност.

You May Also Like