„Пред ваши очи“ почнува МОТ

Вечер (петок,21 септември, 2012 година) во 21:00 часот, во Младинскиот културен центар- Скопје, со претставата „Пред ваши очи“ (Before your very eyes) на Gob Squad (UK/DE) & CAMPO (BEL), официјално ќе почне 37-от Млад Oтворен Театар.

Интернационалниот театарски фестивал МОТ, за отворен ќе го прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Претставата „Пред ваши очи“ репризно ќе биде одиграна и во сабота (22 септември) во  20:00 часот, во MKЦ.

За оваа театарска англиско-германска, белгиска копродукција е обезбеден превод на македонски јазик, а претставата е во траење од 100 минути. Концептот, дизајнот и режијата е на Gob Squad (Johanna Freiburg, Sean Patten, Berit Stumpf, Sarah Thom, Bastian Trost & Simon Will). Изведувачи се: Martha Balthazar, Spencer Bogaert, Faustijn De Ruyck, Gust Hamerlinck, Zoë Luca, Jeanne Vandekerckhove & Ineke Verhaegen.
Gob Squad и CAMPO гордо ви најавуваат шоу во живо со вистински деца! Ретка и одлична можност да бидете сведоци на седум животи коишто течат на ‘fast forward’… „Пред ваши очи“! За прв пат во седумнаесетгодишната историја, Gob Squad не се појавуваат самите на сцена, туку режираат група деца на возраст меѓу осум и четиринаесет години.

Додека публиката ги набљудува како инсекти во тегла за мармалад, сместени во „безбедна соба” направена од еднонасочни огледала, децата на сцена ѕиркаат во својата иднина на возрасни луѓе и носталгично се навраќаат во блиското минато. Додека ние се обидуваме да го запреме процесот на стареење и да ја зачуваме младоста што е можно подолго, тие се подготвуваат да го остават детството засекогаш зад себе. Преку комплексна интеракција меѓу жива изведба и снимен материјал, Gob Squad  ги превртува идеите за мудроста на староста и невиноста на младоста на теме.

Gob Squad се запознава со децата во 2009 година. Текстот е развиен преку импровизации и соработка со изведувачите, заедно со неколку адаптирани пасуси од „Сопрузи и сопруги“ на Вуди Ален и „Синегдоха Њујорк“ на Чарли Кауфман.

Gob Squad е трупа составена од англиски и од германски уметници коишто имаат  репутација на една од најиновативните современи изведувачки трупи во Европа. Седуммината уметници заедно работат врз концептот, режијата и изведбата на нивните дела. Основана во 1994 година со бази во Берлин и Нотингам, трупата ја истражува точката во којашто театарот се среќава со изведбата, уметноста и медиумите. Нивните дела добиваат широко меѓународно признание и редовно се играат низ Европа, а гостувале и во Австралија, Африка, Азија, Северна и Јужна Америка.

Покрај театрите и галериите, Gob Squad користат урбани простори за претставување на нивните дела – куќи, продавници, подземни железници, паркинзи, хотели, па и голи улици. Својата мисија ја третираат како обид да се стави уметничкото дејство во директен контакт со секојдневниот живот и да го спротистават на современата култура. Трупата секојдневно ги испитува изразните форми, варирајќи од проект во проект од театарска претстава, видео проект, интерактивен филм во живо, до урбана интервенција.

Викендов, во рамките на МОТ ќе се одиграат уште неколку претстави како: „Граница“ на Јо Стромгрен Компани од Норвешка, како и претставата „Војцек“ на Слобода Жолдак Театар и Черкаси музичката академија и Драмскиот театар Т.Шевченко од Украина.

Новинарите ќе имаат можност, на претпладневните сесии насловени како „На појадок со“, да се дружат со Кампо, Јо Стромгрен Компани и Гоб сквод, како и со театарските трупи во чијашто продукција е претставата „Војцек“. Во кино-претставите во рамки на МОТ, што ќе се одржуваат секој фестивалски ден во полноќниот термин, оваа сабота и недела, публиката ќе има можност да ги види филмовите „Уште еден куршум“ на режисерот Маркус Фишер, потоа „Росас Данст Росас“ на Тери Де Меј и филмот „Пекол“ во режија на Ромео Кастелучи.

 

You May Also Like