„Небото на паднатите“ од Јуриј Полјаков на македонски јазик

„Македонска реч“ од Скопје деновиве го објави романот „Небото на паднатите“ на рускиот писател Јуриј Полјаков, во превод од руски јазик на Ленче Тосева.


Небото на паднатите е еден од најчитаните романи на Полјаков – има петнаесет изданија на руски јазик и е продаден во стотици илјади примероци. Истовремено со излегувањето на македонското издание на овој мега-хит, се снима втор по ред игран филм според мотивите на ова дело.

Ликовите во романот се обични човечки грешни души на коишто авторот, со својот карактеристичен стил на пишување, им дава малку демонска, малку ангелска природа, и суптилно, но доволно храбро, ни опишува колку парите можат да ја разорат човечката душа. Љубовта помеѓу младиот бизнисмен и неговата секретарка, која авторот ја вткајува во приказната е една чудна, фатална, трагична и слепа љубов, пронижана со неверства, казнувања и меѓусебна зависност, но за денешното време, посебно за руската транзиција, е многу реална. Сарказмот, луцидноста и ненаметливиот хумор, алузиите, богатиот јазик и комплексноста на ликовите, го прават романот повеќе од обична љубовна приказна. Тој е огледало на парадоксот на современото живеење, или како што вели самиот автор, романот претставува само еден „гротескен реализам“.

Јуриј Полјаков е познат руски прозаист, поет, публицист, драмски писател и филмски сценарист; по образование филолог; роден во 1954 година во Москва. Го сметаат за најголемото име на руската литература во последните три децении. Литературната критика го издвојува неговиот специфичен јазик, полн со алегории и метафори, експлицитна еротика, заситен со тенка иронија,  и со ненаметлив премин во лиризам. Првите негови романи, Сто денови до наредбата – за односите и животот во војска, напишан во 1980, и Инцидент од регионални размери – за моралот и атмосферата во комсомолот, напишан во 1981 година, биле објавени по неколкугодишна цензура, во втората половина на 80-тите, и тоа најпрвин на страниците на московскиот весник „Юность“, па дури потоа и како книги. Заради острината со која ги разоткрива нештата, динамичното исплетените приказни, како и слободниот стил на изразување, со кои се одликуваат овие негови дела, тој се стекнал го голема популарност кај читателската публика.

Своите филозофски погледи врз животот на современото општество, Јуриј Полјаков го изразил во многуте дела што следеле потоа и кои станале ултра популарни, како што се: Поправање на грешките (1986), Апотегеј (1989), Париската љубов на Коста Гуманков (1991), Демгратчето (1993), Јаре во млеко (1995), Небото на паднатите (1998), Наумив да побегнам (1999), Црвениот телефон (2000), Царот печурка (2005) Гипсениот трубач, или Крај на филмот  (2008), Гипсениот трубач, Дубл два (2009), Крај на филмот или Гипсениот трубач (2012). Полјаков има напишано и неколку драми: Хомо еректус, Левата дојка на Афродита и други.

Литературната критика го издвојува неговиот специфичен јазик, полн со алегории и метафори, експлицитна еротика, заситен со тенка иронија,  и со ненаметлив премин во лиризам.

Делата на Јуриј Полјаков се преведени на многу јазици, според многу од нив се снимени и филмови (повеќето негови дела се екранизирани), а според нив се играат и претстави во театрите. Тој несомнено е најпопуларниот писател во Русија од поновата генерација. Сите негови романи се бестселери и култни дела. Живее во Москва (во познатото писателско село на периферијата – Пределкино) и од 2001 година е  главен уредник на водечкиот книжевен и општествено-политички весник во Русија, „Литературная газета“. Тој е 31-от главен уредник на овој стожерен весник за руската литература и култура, чиј прв број е објавен во 1830 година. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои „Н. В Гогољ“ и на Бунинската награда. Кандидат е за филолошки науки (дисертација за воената лексика).

You May Also Like