„Битола отворен град“ заврши со жешка журка со Michael Gray и Djane Nadine на Широк сокак

Со спектакуларен настап на мега популарниот DJ Michael Gray  од  Велика Британија во саботата (29 јуни) на Широк сокак во Битола, во присуство на неколку илјадна публика, заврши Интернационалниот младински арт фестивал „Битола отворен град 2013“ во организација на Младинскиот културен центар – Битола.

Поројниот дожд не ја попречи журката на отворено со што фановите уживаа до доцна во ноќта на звуците на Gray , за чиј настап атмосферата ја загреа атрактивната блондинка од Унгарија DJ Djane Nadine. Како претходница настапи Dejan Dex, DJ Dee Dean Mickoski од Македонија.

Годинава за прв пат големиот музички хепенинг на „Битола отворен град“ се одржа на Широк сокак, а настапот на Michael Gray воедно е најголем музички настан за 2013 во Битола.

Gray е еден од најпочитуваните и најбараните музички уметници на глобалната музичка денс сцена. Како соло музичар тој се прослави со синглот “The Weekend” и со успешниот последователен хит “Borderline”. Тој е ко-сопственик на познатата музичка продуцентска куќа “Full Intention” од Англија во чиј летен распоред спаѓа и промоцијата на најновиот музички материјал. Со посебен стил на сцената, Djane Nadine од Унгарија  веќе има изграден статус на признат и познат уметник во својата професија. Фановите ја препознаваат по впечатливите и авангардни настапи низ цел свет.

Инаку, во рамките на фестивалот од 26-ти до 29-ти јуни на повеќе локации во градот се одржаа концерти на групи од земјата и странство, отворени улични журки, изложби и перформанси. Куриозитет на фестивалот беше Трката на штикли на Широк сокак.

Фестивалот се одржа во рамките на Битфест 2013 и е поддржан од ONE и Градоначалникот на општина Битола.

You May Also Like