Mанифестацијата „Аеродром се смее“ од 17 до 22 јуни ќе се одржи во општината Аеродром.
На вчерашната конференција за настанот говореа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, заедно со градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски и директорката на Театар Комедија, Јелена Жугиќ.
-Реализацијата на оваа манифестација е уште една потврда за одличната соработка меѓу локалната и централната власт заради подобрување на квалитетот на културното живеење на граѓаните во оваа општина. Убедена сум дека културните случувања што ќе се реализираат на територијата на општина Аеродром во рамките на „Културното лето 2013“ ќе бидат предизвик за граѓаните да ги проследат понудените содржини – истакна министерката за култура. Таа појасни дека една од заложбите на Министерството за култура е токму поддршката на голем број проекти во рамките на Годишната програма за дисперзија на културата и за локален културен развој.
Како резултат на одличната соработка меѓу Министерството за култура и општина Аеродром, во текот на јуни на отворената сцена во близина на спортската сала „Јане Сандански“ ќе се реализираат театарски претстави на четири театарски ансамбли, и тоа: Драмскиот театар со претставите „Последните Македонци“ и „Солунски патрдии“; Македонскиот народен театар со „Свадбата на Фигаро“; Театарот Комедија со претставите „Ах љубов моја“ и „Лет над кандидатското гнездо“ и театарот „Крик“ со претставата наменета за помладата публика „Принцот жаба“.
Претставите ќе се играат на отворено, а граѓаните ќе можат бесплатно да уживаат во изведбата и умешноста на актерите кои учествуваат во урнебесните комедии.