Опен фестивалот во Струмица годинава ќе го оствари своето второ издание. Овој пат со збогатена програма, почнувајќи од 10 август, распоредена на десет августовски денови.
Откако организаторот, Здружението Културен забавен живот на својата прес-конференција ја објави комплетната листа гости кои ќе настапуваат на големата ОПЕН фест сцена, струмичани и јавноста секојдневно го коментираат изборот.
Покрај балканските ѕвезди Амадеус, Жељко Самарџиќ, Чорба, Ален Исламовиќ и Северина како гости од Македонија ќе настапат Ике де Кока, струмички млади таленти, Френдс, Јупитер, Трибут за Гоце Арнаудов, Хаундс, Суперхикс и Кирил Џајковски.
За ска-панк бендот од Скопје ова ќе биде втор настап во ѕвездениот град, откако летово работно прошетаа до Босна и Словенија.
„Одлучивме да ги повикаме Хикси по втор пат на ОПЕН фест затоа што сите минатогодишни анкети покажуваа дека направиле најдобра забава и особено младите ги бараа повторно“, велат од организацијата на овој летен фестивал.
На вториот музички ден од фестивалот, 17 август ќе настапи и мегапопуларниот Кирил Џајковски заедно со својот интернационален бенд. Својата голема светска летна турнеја ќе ја продолжи во Струмица каде што ќе настапи за прв пат.
„Годинава имавме обиди во нашиот концепт да вметнеме уште многу имиња од македонската сцена, но единствено ексклузивците на Пасворд продукција привлекоа најголемо внимание кај публиката. Штета е што дури годинава Џајковски ќе го има првиот настап во нашиот град.“, објаснуваат организаторите за изборот на настапувачите.
Инаку, фестивалот вклучува ликовна колонија, вечери на поезија и афоризми, вечери на театар и филм, трка на келнери, државен бармен куп, хип хоп концерт, промоција на книги, концерт на фолклорни ансамбли.