Почнаа подготвителните работи за реконструкција на штипскиот Дом на млади …
Во тек е реконструкцијата на штипскиот Дом на млади. Општина Штип ги реализира подготвителните работи за целосна реконструкција на овој стар објект, кој е култен за штипјани.
Нада Наџинска вработена во Општина Штип вели дека локалната самоуправа заедно со претставници од АРМ и од Затвор-Штип во моментов ги уриваат старите ѕидови, кровната конструкција во сите простории на објектот, по што градежната фирма која го доби тендерот треба да ја замени целосната водоводна и електрична инсталација, но и целосно да го реновира објектот.
– Реконструкција на сите простории во Домот, од салата до канцелариите и ќе има нови простории, како што се занимални за младите и децата и за новите функции кои се воведуваат во постоечкиот објект, вели Наџинска.
Таа истакна дека Општина Штип овој проект го реализира благодарение на Швајцарската агенција за обнова и развој преку програмата Форум на заедници. Целосната реконструкција на Домот на млади ќе чини околу 4.500 000 денари, од кои половина од средствата се грант од швајцарската Влада.