Јубилејното издание на Поетска ноќ во Велестово, кое што ќе се одржи на 16 август, во 21 часот во Велестово е со поинаков концепт од досегашните. Фестивалот досега се посветуваше единствено на еден македонски поет и неговото творештво, но овој пат ќе има мало отстапување од таа традиција – вели Јулијана Величковска – член на Организацискиот одбор на Поетска ноќ во Велестово.
Исто така, традиционално во Велестово, покрај портретот на избраниот поет, се одржува и изложба на еден познат македонски сликар, како и интернационална вечер.
– Што ќе донесе јубилејното 25 издание на манифестацијата Поетска ноќ во Велестово?
Наместо ноќта да биде посветена на еден наш познат поет, таа ќе биде посветена на иднината на македонската поезија. Ќе биде претставен групен портрет на младата македонска поезија, преку читања на 14 млади македонски поети, родени периодот помеѓу 80те и 90те год. од минатиот век. Тоа се млади автори, кои што веќе имаат издадено барем по една стихозбирка и често се застапувани во македонските литературни списанија, а некои од нив веќе се пробиваат и надвор од нашите граници. Ќе настапат: Славица Гаџова, Жарко Кујунџиски, Ѓоко Здравески, Мане Манушев, Марта Марковска, Анета Василева, Анета Попова, Снежана Стојчевска, Гаврило Миловановиќ, Иван Антоновски, Драгана Евтимова, Ненад Јолдески, Винета Огненовска и Душко Крстевски. Вечерта ќе биде збогатена со мал музички концерт на ансамблот Билјана од Охрид. По поетското читање, годинава ќе биде претставена изложба на академскиот сликар Александар Станковски, со наслов „Поетика и политика“. Вечерта ќе заврши со коктел.
На интернационалната вечер на 17ти август, ќе читаат поетите: Одвиг Клив од Норвешка, Татјана Данилијанц од Русија, Игор Тиш од Словачка, Поли Муканова и Роман Кисјов од Бугарија и Жељко Миловиќ од Црна Гора.
По поетското читање ќе се одржи промоција на тукушто објавената стихозбирка „Со други очи“ на Одвиг Клив, учесничка во фестивалот, во издание на ПНВ Публикации. На промоцијата ќе бидат подарени 100 примероци од стихозбирката потпишани од авторката Одвиг Клив. Со мал коктел потоа ќе заврши официјалната програма на фестивалот.
– Според кои критериуми се одредуваат авторите на кои им се посветува првата (домашна) вечер, а според кои критериуми се избираат учесниците на интернационалната вечер?
– Ако се има на ум кои се’ македонски поети имале свој поетски портрет во Велестово до сега, сметам дека ќе се дојде до заклучок дека критериумот за учество на овој поетски фестивал е најстрог во државава. Избраните автори треба да имаат навистина богато портфолио, да имаат неколку книги зад себе, нивната поезија да е препеана на странски јазици и често да објавуваат во реномирани домашни и странски литературни списанија. Ако своја поетска ноќ во Велестово имале Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Јован Котевски, Радован Павловски, Матеја Матевски, Анте Поповски и други, тогаш се чини дека учеството на овој фестивал е наменет за македонската поетска елита, под тоа подразбирајќи го единствено квалитетот на поетското творештво.
Што се однесува на интернационалното поетско читање, критериумите за избор на поети се сведуваат главно на тоа истите да имаат високо квалитетна поезија, но и со своите секојдневни активности да нудат опции за размена на поети на други фестивали надвор од нашата земја, соработка од аспект на преводи и препеви на нашите автори на други странски јазици, како и запознавање на нашата читателска публика со современите автори од државите од кои што доаѓаат гостите. Целта е да се остварат контакти и меѓу – културна соработка, која што ќе продолжи да трае долго по завршувањето на фестивалот. Па така поетите учесници од странство се често и преведувачи, модератори на поетски фестивали, уредници во литературни списанија и слично.
– Како се избираат уметниците кои се претставуваат со ликовни дела?
Уметници кои што до сега имале своја ликовна изложба во Велестово се: Васко Ташковски, Сергеј Андреевски, Мирослав Масин, Боро Митриќески, Родољуб Анастасов, Владимир Георгиевски, Вангел Наумоски, Дик Робертс (САД), Коле Манев, Славко Упевче и многу други. Од приложеното сметам дека е идентично јасно дека изборот е исто така строг и по однос на ликовниот уметник кој што се претставува во рамки на Поетска ноќ во Велестово. Тоа се главно академски сликари, со многу дела и изложби во и надвор од нашата земја зад себе.
– Што научи фестивалот за овие 25 години – имаме ли слух за поезија?
Македонија е земја на поезијата, тоа е нешто во што сум апсолутно убедена. Имаме неверојатно голем број поетски читања и фестивали, посетеноста на истите е исто така на завидно ниво. На Поетска ноќ во Велестово просечно имаме публика од околу 300 луѓе, меѓу нив има академици, универзитетски професори, литературни критичари, писатели, поети, музичари, актери и други уметници, но и студенти на филолошкиот факултет, обични граѓани, вљубеници во пишаниот збор, селани од Велестово, деца, па и по некое заталкано домашно животно од селото. Гостите странци се секогаш воодушевени од посетеноста и покажаниот интерес кон поезијата во нашата земја.
– Велестово е единствено место, уникатно по многу нешта, знаат ли гостите-учесници да ја искористат таа инспирација, со какви впечатоци си заминуваат? Оставаат ли стихови наместо поздрав?
Велестово е тешко да се опише, Велестово треба да се види и доживее. Секој што бил таму, си заминал со желба повторно да го посети. Гостите учесници на Поетска ноќ во Велестово со голема радост се сеќаваат на поминатото време тука, на поетските читања, но пред сѐ на другарувањата и сите случувања надвор од официјалната програма на фестивалот. Речиси нема поет кој што учествувал во фестивалот, а не напишал барем една песна за Велестово. Во годинешното јубилејно издание на литературното списание кое го издаваме во рамки на манифестацијата, покрај традиционалното потсетување на минатогодишните учесници и нивните впечатоци, како и претставување на годинешните учесници ќе има и неколку страници исполнети со песни напишани во и за Велестово од многуте странски и наши учесници и гости низ годините.
Александра Јуруковска