Шестиот број на „Лице в лице“ промовиран во Струга

Стружани здружно го читаа Рацин. Познатата песна на Кочо Рацин, „Копачите“, во петочната вечер силно екна среде струшката чаршија, во поетскиот перформанс на ИНКА (Здружението Иницијатива за независен културен активизам ), изведен по повод промоцијата на шестиот број на активистичкиот уличен магазин „Лице в лице“.

struga

Перформансот, во режија на Климент Попоски, го изведоа креативците на ИНКА, кои со својата интерпретација, како вовед на промоцијата, силно ја разбрануваа чаршијата во градот чие име е синоним за поезија. Нивната енергија беше заразна и за публиката дојдена на настанот, која не се двоумеше и гласно читаше стихови на различни јазици.

Се к’ти ноќта црна, се рути карпа в мрак…“ грмна низ струшката чаршија, едногласно изговорено од насобраните граѓани.

Целиот настан беше засилен и со хорска изведба на ангажирани стихови, а перформансот финишираше со жива скулптура од изведувачите, облечени во „поетски“ маички, која беше пожелна мета и на фотоапаратите на стружани, но и на странските туристи и љубители на поезијата. Дел од нив, пак, беа гости и на Струшките вечери на поезијата, тековната манифестација во чија придружна програма се случи и промоцијата на „Лице в лице“.

Целта на настанот беше да се покаже дека поезијата може да го реанимира нашиот умртвен сензибилитет и да поттикне општествена солидарност.

Сакавме поезијата да ја изнесеме на улица, да ја доближиме до публиката, заедно да се потсетиме на силните стихови на Рацин кој низ своето творештво бараше социјална правда. „Лице в лице“ ги менува животите на маргинализираните, а со содржините и со активностите освестува, едуцира, повикува на акција– рече Климентина Илијевски координаторката на регионалната платформа за активизам „Лице в лице“ за Македонија.

Главни промотори на новиот број на магазинот беа познатите писатели Лидија Димковска и Владимир Мартиновски, книжевната критичарка Мерсиха Исмајлоска и првата Македонка – подводен археолог Валентина Тодороска, придружени од волонтерите на „Порака нова“ и од Црвениот крст на Струга.

Големиот поддржувач на магазинот, Димковска рече дека „Лице в лице“ е списание кое го читаат луѓе со став, помага да се погледне во очите на другиот, да се сфати, да се разбере, да му се отвори вратата на сопствениот дом, срце.

Држејќи го „Лице в лице“ во раце знам дека во мојата земја нешто се менува. На подобро. Тоа е доказ дека стануваме свесни за луѓето што живеат со нас. Во ова време на експлоатација треба да се спротивставиме со уметност со став – рече таа.

Мартиновски, пак, ја прочита „Маратонска песна“, која е во духот на социјалната правда, сè уште необјавена, а ќе биде дел од неговата книга поезија која треба да излезе следната година.

Темите на списанието нè ставаат лице в лице со темите од секојдневието, со многу работи кои можеме и имаме сила да ги промениме во сопствените животи, а со тоа и во животите на другите – вели Мартиновски.

Настанот го заокружи кусото и силно обраќање на еден од продавачите на „Лице в лице“, Игорче Шајновски

-„Лице в лице“ е мојата иднина, горд сум на Струга и на стружани за поддршката што ми ја даваат – рече тој.

Првите купувачи на магазинот дома си заминаа освен со списанието, и со подароци кои ги обезбедија Македонски Телеком и „Кимико“.

Своја поддршка најавија и од здружението „Сороптимист“ кое ќе им го олесни патот на струшките продавачи до компаниите лоцирани во овој град. „Лице в лице“ засега се продава во Скопје, Неготино и во Струга.

You May Also Like