Вечер (среда, 21 август) во 22:00 часот во Магазата во Битола, во рамките на Филмските денови „See a Paris”, ќе биде прикажан филмот „Шангај Џипси“ (Словенија), во режија на Марко Небрешник.
Главните протагонисти на филмот се членови на ромско семејство на Мигра. Лутвија Белмондо Мигра раскажува приказна за четири генерации. Белмондо е централниот лик на филмот, циганскиот цар, кој одлучил да воспостави свое сопствено циганско село, кое го именува Шангај. Белмондо живее од шверц и неговата моќ и влијание стануваат големи. Тој дури и добива поддршка од локалната полиција и политиката што му помага да стане недопирлив за законот. Но со падот на Југославија, шверцот на стоки се заменува со шверц на оружје. Иако профитабилен, овој бизнис започнува да се заканува личниот живот на Белмондо и тој се наоѓа на крстопат. Тој треба да се одлучи дали да го заштити своето семејство или да го жртвува за својата лична среќа, бизнис и амбиции?
Шангај џипси е приказна за вечната желба за среќа, тоа е приказна за љубовта и семејните врски, во која солзите се испреплетени со смеа. Приказната се одвива во време на распаѓањето на Југославија. Филмот е снимен во автентичен ромски јазик.