Црногорска „Побједа“ за настапот на Трпчески: „Суптилно до срцата…“

Под насловот „Суптилно до срцата на публиката“, црногорскиот дневен весник ПОБЈЕДА се осврнува на рециталот што македонскиот пијанист Симон Трпчески го одржа во Црквата на Светиот дух во Котор, во рамките на годинашниот тамошен Арт фестивал.

trpceski-i-simovic-kotor

Трпчески се претставил со дела од Брамс и Лист, а критичарот Борис Марковиќ во својата рецензија, меѓудругото, подвлекува:

„… концертот го започна со безмалку „сординирано“ клавирско туше, што пијанистот го развиваше сосема внимателно, собирајќи го вниманието на публиката околу секое пијанисимо. Таквиот суптилен пијанистички приод постепено се развиваше во текот на варијациите, кога Трпчески на различните нивоа на градба на музичкото дело ги следеше карактерните сличности и контрасти меѓу Брамсовите варијации. Таа само навидум сличност во содржината која всушност го открива богатството на различноста најдобро беше прикажана со интерпретацијата на валцерите од Лист. Сепак, се’ кулминираше во рапсодијата на писмото на Лист. Имено, Симон Трпчески во ниту еден момент не подлегна на тривијалност во интерпретацијата на познатата „Унгарска рапсодија“ – пишува музичкиот критичар на „Побједа“ кој прави паралела и со минатогодишната изведба на рускиот пијанист Денис Мацујев, давајќи му предност на македонскиот виртуоз, а со посебни симпатии во својот текст пишува и за двата биса, меѓу кои и „На Струга дуќан да имам“ од Панде Шахов инспирирана од истоимената македонска народна песна на која Трпчески ја потсетил публиката и со пеење во пијано придружба.

You May Also Like