Со концерт на легендарната група „Црвена јабука“, вечер (среда, 14 август) во 20:30 на игралишетото „Сокол“ во општина Карпош, започнува Карпошовото културно лето. Манифестацијата ќе трае до 5 септември.
Ќе има концерти на забавна, народна, класична музика, рок, но и театарски претстави, филмски вечери со проекции на играни и документарни филмови – рече градоначалникот Стевчо Јакимовски, на конференцијата за печат по повод отворањето на манифестацијата „Карпошово културно лето 2013“.
Најавувајќи го шестото „Карпошово културно лето“, кое од традиционална манифестација прерасна во културен бренд на Општината, за годинашното издание да биде поинакво од минатите, Јакимовски рече дека се подготвени неколку ексклузивитети, од кои што еден е денешниот старт на манифестацијата со балканската сензација „Црвена јабука“.
Концертот ќе се одржи на игралиштето „Сокол“ со почеток во 20.30 часот. – Легендарниот Жера, со познатите „Дирлија“, Има нешто од срца до срца“ и многу други“ ќе го означи почетокот на речиси едномесечното наше дружење со љубителите на културата.
На 21 август вечерта е резервирана за авторската музика на Огнен Неделковски, на 29 август Каролина Гочева ќе има целовечерен концерт, а во меѓувреме, се очекува голем интерес да предизвика ретро-забавата што ќе ни ја понудат Драган Б. Костиќ и Вера Јанковиќ на Скејт-паркот во Карпош.
За љубителите на балканскиот мелос и на босанските севдалинки, на 27 август повторно гости на Карпош ќе бидат и КУД „Пролетер“ од Сараево, а „Културното лето 2013“ ќе се заокружи со концерт на Зуица Лазова и Наум Петрески.