Циклус „Во царството на животните“ во Кинотека

Денеска (среда, 29 мај) во Кинотеката на Македонија започнува филмскиот циклус посветен на животните насловен „Во царството на животните“.

Во наредните три дена публиката ќе може да види документарни филмови каде главни „актери“ се животните.

Циклусот е реализиран со помош на Македонски клуб ШАРПЛАНИНЕЦ, Македонско еколошко друштво, а филмот ВОЛК е добиен со посредство на Хрватската кинотека.

Помеѓу другите до страна на Македонски клуб ШАРПЛАНИНЕЦ плакета за траен придонес на македонската кинологија и македонското овчарско куче – шарпланинец и неговите ендемски форми ќе добие и проф. д-р Ферид Мухиќ
Програма:

29 мај (среда), 20:00 ч.

ВОЛК

(Vuk)

документарен филм, Хрватска

1962, 18 мин., црно/бел, 35 мм.

режија и сценарио: Обрад Глушчевиќ (Obrad Gluščević)

Во шумите на Шар планина, волкот мора да ја преживее тешката зима. Ако не најде храна во шумата, тогаш се насочува кон домашните животни, стадата со овци. Песот шарпланинец е тој што го чува стадото, а околу вратот има посебен ремен што го заштитува од волчјите песјаци. Нивната борба е опеана во традиционалната музика и поезија.

СВАДБА НА ШАРПЛАНИНЕЦОТ

документарен филм, Македонија

1970, 15 мин., колор, 35 мм.

режија и сцнеарио: Трајче Попов

Парењето на познатите кучиња шарпланинци се претвора во вистинска борба на живот и смрт. Само најсилните опстојуваат во таа борба и успеваат да го продолжат родот.

ШАРПЛАНИНЕЦОТ МУРГОШ

документарен филм, Македонија

1960, 15 мин., колор, 35 мм.

режија: Трајче Попов

сценарио: Киро Билбиловски, Ото Денеш, Драгош Стевановиќ

Преку приказната за кучето Мургош, кое ѝ припаѓа на познатата раса шарпланинци, прикажани се сите благородни особини: силата, храброста и верноста на оваа во светот позната раса.

ПЕСЈА ПЕНА

документарен филм, Македонија

2002, 15 мин., колор, 35 мм.

режија и сцнеарио: Благоја Ристески – Платнар

„Последните борби помеѓу кучињата, во овој филм, снимени се на периферијата на Тетово три дена пред почетокот на терористичките дејствија во Македонија“ – телоп од крајот на филмот. Борбите помеѓу кучињата се израз на примитивизмот и суровоста на луѓето. Тажна е глетката на овие прекрасни животни облеани во крв, кутнати во прашината. Борбите се метафора во која се огледуваат општествените состојби.

30 мај (четврток), 20:00 ч.

ВО СРЦЕТО НА БАЛКАНОТ: БАРАЈЌИ ГО РИСОТ

(Im Herzen des Balkans – Auf der Suche nach dem Luchs)

документарен филм, Германија

2011, 43 мин., колор, ДВД.

режија: Корнелија Волк (Cornelia Volk)

Планини, долини и недопрена шуми. Предел во Југоисточна Европа, погоден за живеење на една од најголемите мачки на континентот – балканскиот рис. Се претпоставува дека во Македонија живеат од 20 до 50 единки од овој подвид на Евроазискиот рис. Биолозите од Македонското еколошко друштво сакаат да дознаат каде точно и во кои шуми во планинските предели во Македонија се движи рисот, со што се храни, каде и како може да биде заштитен.

Патем, камерата на Jochen Schmoll лови и прекрасни пејзажи од дивокози, мечки, волци и други диви животни кои го населуваат Националниот парк Маврово.

ВО СРЦЕТО НА БАЛКАНОТ:

ПЕЛИКАНИТЕОД ПРЕСПА ПАРК

(Im Herzen des Balkans – Die Pelikane vom Prespa-Park)

документарен филм, Германија

2011, 43 мин., колор, ДВД.

режија: Корнелија Волк (Cornelia Volk)

Малото и Големото Преспанско Езеро се дел од големиот Преспа Парк. Со големина од 2 500 квадратни километри, овој предел е првата прекугранична конзервациска област на Балканот. Од 2000 година, трите соседни земји – Албанија, Македонија и Грција – изготвија заеднички план за заштита на балканските дивокози, кафеавата мечка и далматинскиот пеликан. Во периодот на 80-ите години, не повеќе од 200 единки од овој вид птица доаѓаа да се гнездат на Преспанското Езеро. Во меѓувреме нивната бројка се зголеми на околу 3000 единки. Ова е најголемата гнездечка колонија воопшто во светот!

31 мај (петок), 20:00 ч.

ДВЕ ВРЕМИЊА

игран филм, Република Македонија

2011, 50 мин., колор, 35 мм.

режија и сценарио: Киро Урдин

Поетско патешествие низ националниот парк Серенгети и низ Танзанија во Африка. Ендемската флора и фауна, како и прекрасните природни убавини се благодет за човековата душа, за патникот, но неговото присуството како да претставува загадување на околината. Дури и патот по кој човекот се движи, а кој е создаден од него самиот, како да е натрапник во овие диви предели. До каде треба да оди човечката интервенција во природата и средината во која живее? Која е границата преку која човечкото присуство преставува нарушување на космичката хармонија?

You May Also Like