Хрватски филмови во Кинотека

Од 15 мај – 21 мај во Кинотеката на Македонија ќе гостува Хрватската кинотека кој ќе ни презентира седум филмови во режија на хрватските режисери Бранко Бауер и Ватрослав Мимица.

Циклусот ќе биде прикажан, со еден ден задоцнување, и во Центарот за култура Битола. Гости на Кинотеката на Македонија ќе бидат: директорот на Кинотеката на Хрватска Кармен Лотка, како и филмолозите Младен Буриќ и Луција Зоре, кои ќе не запознаат со овие големи авторски имиња кои оставиле длабоки траги и во македонската кинематографија.

Циклусот „Мимица и Бауер“-произлезе од заедничкиот проект на Кинотеката на Хрватска и Кинотеката на Македонија. Имено, из­минативе години, двете пријателски кинотеки со здружени сили работеа на реставрацијата на два филма значајни и за двете кинематографии – хрватската и македонската. Станува збор за македонските филмови МАКЕДОНСКИ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ (1971) и ТРИ АНИ (1959), во режија на реномираните хрватски режисери Ватрослав Мимица и Бранко Бауер, кои следствено на потеклото имаат третман на филмско наследство и во двете држави.

Нашата соработка со Кинотеката на Хрватска не започна, ниту пак ќе заврши со овој проект на реставрација. Имено, со реципрочна динамика, во изминативе години беа одржувани Денови на македонскиот филм во Хрватска (Загреб, Риека, Сплит), како и Денови на хрватскиот филм во Македонија (Скопје, Прилеп, Свети Николе, Битола), а по истиот терк продолжуваме и оваа календарска година. По проекциите на филмовите на Мимица и Бауер во Скопје и Битола овој мај, следува претставување на македонската кинематографија во Загреб и Сплит во септември годинава.

Од Мимица ќе се потсетиме на КАЈА, ЌЕ ТЕ УБИЈАМ! (Kaja, ubit ću te!, 1967), ПРОМЕТЕЈ ОД ОСТРОВОТ ВИШЕВИЦА (Prometej s otoka Viševice, 1964) и ХРАНЕТИОТ (Hranjenik, 1970), додека Бауер е застапен уште и со ЛИЦЕ В ЛИЦЕ (Licem u lice, 1963) и НЕ СВРТУВАЈ СЕ, СИНЕ (Ne okreći se sine, 1956).

You May Also Like