Хосе Луис Алкаин добитник на „Златна камера 300“

Денеска (18 јули) на втората прес-конференција Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ објави дека шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин е добитник на „Златната камера 300“ за животно дело во 2013.

Alcain-Almodovar

По четиригодишни преговори е потврдено доаѓањето на сè уште активниот Хосе Луис Алкаин, легендарен шпански снимател на рекордни над 140 наслови, од кои најголемиот број се долгометражни играни филмови. Во претходните години Алкаин го откажуваше доаѓањето во Битола, поради снимање на филмови како СТРАСТ на Брајан де Палма и МНОГУ СУМ ВОЗБУДЕН на Педро Алмодовар.

 
Тандемот Алмодовар-Алкаин е еден од најплодите во шпанската и во светската кинематографија воопшто. Заедно ги потпишале насловите ЖЕНИ НА РАБОТ НА НЕРВЕН СЛОМ (1988, со Кармен Маура и Антонио Бандерас); ВРЗИ МЕ (1990, со Викторија Абрил); ЛОШО ОБРАЗОВАНИЕ (2004), ВРАЌАЊЕ (2006, со Пенелопе Круз), КОЖАТА ВО КОЈА ЖИВЕАМ (2011, повторно Бандерас), МНОГУ СУМ ВОЗБУДЕН (2013).

 
Неговото име се нашло на списокот на омилените кинематографери на буквално сите шпански режисери чии имиња значат во светот на филмот во последните 40-ина година. Тука се Виценте Аранда, Бигас Луна, Мануел Гутиерес Арагон, Карлос Саура, а во 1994 со Фернандо Труеба го освоија Оскарот за најдобар странски филм, за романтичната комедија BELLE EPOQUE. Интересен податок е дека СТРАСТ (2012) на култниот Де Палма, мајсторот на неотрилерот, е меѓу ретките „излети“ на Алкаин надвор од границите на Шпанија.

 
Алкаин во својата долгогодишна кариера ги освоил и наградата Vulcain за најдобар кинематографер на фестивалот во Кан за КОЖАТА ВО КОЈА ЖИВЕАМ, како и наградата на ЕФА (Европската филмска академија) за најдобар европски кинематографер за ВРАЌАЊЕ на Алмодовар.

 
Импозантниот опус на Алкаин е потврден и со освоените 5 статуетки Гоја, шпанските Оскари, за филмовите: ИЗВРТЕНА ОПСЕСИЈА (1990), BELLE EPOQUE (1993), ЦЕНАТА НА СРЕЌАТА (1994), ДОН КИХОТ-ВИТЕЗОТ (2003), 13 РУЖИ (2008).

 
Хосе Луис Алкаин, AEC, е роден во 1938 во Тангер, Мароко, каде и се школувал. Има потпишано 145 филмски проекти. Меѓу поновите е и ДРУЖИНАТА ПИКАСО во режија на Фернандо Коломо, биографска реминисценција од времето на големиот шпански сликар Пабло Пикасо.

 

Alcain

 

34. издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 14 до 20 септември 2013 година, во Битола и ќе биде отворено со премиера на македонскиот филм Соба со пијано на режисерот Игор Иванов-Изи.

You May Also Like