Францускиот режисер Кристоф Ганс ја сними традиционалната бајка „Убавицата и ѕверот“ во манирот на големите холивудски спектакли.
„Убавицата и ѕверот“ на Ганс во визуелен поглед, како и во однос на акционите сцени стои рамо до рамо со американската продукција. Македонската публика ќе има можност да ужива во раскошната француска екранизација на бајката од 20 март!
По големиот француски хит „Пактот со волците“ и добро прифатената американска екранизација на видео-играта „Silent Hill“, Ганс сними универзална бајка за љубовта без оглед на разликите меѓу двајца кои се сакаат.
Филмот на Ганс со Венсан Касел и Леа Сејду се базира на најраната позната верзија на бајката од збирката на Гарбиел Сузан Вилнев „La Jeune Ameriquaine et les Contes Marins“ (Младиот Американец и морската приказна) од 1740 година. Се работи за повеќеслојна бајка за деца и возрасни која зборува за моќта на соништата и конфликтот на љубовта и материјалните вредности поради што е особено актуелна и денес. Пред филмот на Ганс една од најзначајните екранизации на оваа приказна беше онаа на Кокто од 1946 г. Ганс се потруди да понуди нова верзија на тој филмски класик.
На прашањето зошто се одлучил за уште една екранизација на популарна бајка (од познатата адаптација во режија на Жан Кокто, до американски филмови и дизниеви цртани), Ганс вели дека сакал да покаже дека бајките не се американска работа, туку европска.
„Ми беше важно да покажам дека бајките се дел од нашата ДНК. Снимав во Холивуд, но работам во Европа бидејќи мислам дека е важно европскиот филм да се обиде да ја задржи врската со културата на своите предци“, рече Ганс.
Снимена со буџет од 35 милиони евра „Убавицата и ѕверот“ е француска бајка за светскиот пазар – голем блокбастер наменет за семејството кој ја прикажува универзалната бајка за заљубениот пар чија љубов опстојува наспроти разликите. Приказната е подеднакво наменета за деца и возрасни, зборува за моќта на љубовта наспроти материјализмот и корупцијата, што претставува релевантна приказна за денешно време.