(фото) Скопје се сети, 26 јули 1963-2013

Синоќа (петок, 26 јули 2013 година) на Плоштадот Македонија, во центарот на Скопје, се одржа едночасовен мултимедијален перформанс во знак на одбележување на 50- годишнината од катастрофалниот земјотрес што во далечната 1963 година до темел го урна нашиот град.

skopje se seti 26 juli 1

На централниот настан на плоштадот Македонија на многубројните гости од земјава и од странство им се обрати градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Оваа 50 годишнина, за нас претставува јубилеј на полувековната истрајност на неколку генерации жители на Скопје во напорите од градот да создадат подобро место за живеење. Денес Скопје се сеќава на раните утрински часови, кога на 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, по серија потреси од неколку минути, беше уништено се она што генерации скопјани од сите националности го создаваа до тогаш, кога згаснаа животите на 1.070 жители на главниот град на Република Македонија од сите националности, кога околу 3.000 наши сограѓани беа повредени, а околу 200.000 илјади останаа без своите домови. Земјотресот во Скопје, го разори Скопје, однесе многу животи и остави пустош и тага. Исчезнаа многу домови, училишта, болници, културно–историски споменици, кои беа обележја на Скопје и кои со својата убавина го красеа градот, згаснаа илјадници надежи, семејни планови, индивидуални сонови за високо образование, планови за создавање сопствени семејства, за миг Скопје се претвори во напуштен град. Се застана, за момент. Но, жителите на Скопје не се предадоа. Со сета енергија веднаш се зафатија со спасување на човечки животи од под урнатините, со обезбедување на елементарните потреби за преживување, со санирање на штетата од уривачката моќ на природата и преземање активности за спречување на уште поголема трагедија. Но, и по сета таа катастрофа, човечките вредности, хуманоста, солидарноста, меѓуетничкиот соживот дадоа импулс за интензивирана градителска посветеност, жителите на Скопје од сите националности, Македонци, Албанци, Бошњаци, Власи, Турци, Роми,Евреи, Срби, Хрвати, Црногорци, и сите други, беа единствени, рамо до рамо и го подигнаа Скопје, во тоа што е денес. Скопје стана симбол на почетокот на модерната урбанизација, од правта на земјотресот во еден кус период се обиде повторно да фати чекор со современите текови на европската архитектура. Под Платформата „Скопје се сеќава”, оваа година, во духот на 50 години Скопски земјотрес, Град Скопје, преку низа манифестации, се обиде да се сети на далечната 63-та година, за никогаш да не се повтори. Град Скопје немаше да го добие епитетот Град на солидарноста доколку помошта не пристигнеше од сите страни, во такви размери какви беше потребна, притоа уривајќи ги сите гранични препреки меѓу државите во светот. Сакам да се заблагодарам и на сите жители кои со својата хуманост спасија и извлекоа многу жртви од под урнатините, некои од нив тогаш деца, а денес возрасни граѓани, сведочат за една од најголемите природни катастрофи на човековото постоење. Секако, им се заблагодарам и на присутните претставници од Меѓународната заедница, градоначалници на балканските и европски држави и влади, кои несебично ја покажале хуманоста на дело, истакна градоначалникот Трајановски.

skopje se seti 26 juli 4

На присутните од името на Меѓународната заедница им се обрати д-р Бертранд Демулан, беше интонирана и Химната на Република Македонија, а во знак на почит спрема жртвите од земјотресот од 1963-та, градот Скопје вечерва, молчеше една минута.

Пред половина век деструкцијата привлече внимание на интернационално ниво, со силна поддршка од државите членки на Генералното Собрание на Организацијата на Обединетите Нации донесе резолуција којашто се однесуваше на собирање поддршка за итна помош за реконструкциски цели. За луѓето од Скопје реконструкцијата на градот беше од историско значење исто онака како и самиот земјотрес. Во 60-те години, кога на скопските деца ќе им дадоа задача да направат пишан есеј на тема “Што би бил најголемиот настан во нивните животи”, осумдесетина проценти од тие деца ќе избереа да пишуваат за пост-земјотресната реконструкција на градот, наместо за земјотресот. Ми претставува голема чест што токму јас во името на Организацијата на Обединетите Нации ја примив благодарницата од градоначалникот на Град Скопје. Ова е признание за Организацијата на Обединетите Нации, за нивната моќ да се обединат и да обезбедат поддршка за луѓето од Скопје. Сакам да уверам дека Организацијата на Обединетите Нации е насочена да го поддржува Градот Скопје како и цела Република Македонија во нивните намери да успеат во развојот од што бенефитот ќе го осетат сите нивни граѓани, потенцираше Демулан.

skopje se seti 26 juli 3

skopje se seti 26 juli 2Одбележувањето на 50-годишнината од земјотресот, беше мултимедијален настан, во кој беа вклучени Македонската филхармонија, балетани од Македонската опера и балет и професионални актери, а приказната за Скопје ја раскажуваше и тематски обработен видео и фото-материјал. Петте композиции коишто ги изведуваше Македонската филхармонија претставуваа еден вид скелет на овој перформанс, преку кој се раскажуваше приказната за Скопје пред земјотресот, Скопје во времето на катастрофата и по неа како и повторното раѓање на градот. Членовите на Македонската филхармонија ги изведоа делата Увертира кон операта „Волшебната флејта“ од В. А. Моцарт, Aдаџо од Симфонија бр. 5 од Г. Малер, музичкото дело од Т. Прокопиев , насловено како „Лабин и Дојрана“, музичко парче од Симфонија бр. 5 од Л. В. Бетовен, како и Увертира кон операта „Моќ на судбината“ од Џ. Верди.

Во сеќавање на жртвите, сите уметници и присутни застанаа простум и во сеќавање на жртвите од земјотресот, кон небото пуштија 1 070 лантерни. Додека лантерните се подигнуваа нагоре, имињата на жртвите се испишуваа на големиот екран.

You May Also Like