Вчеравечер, на Градската плажа „Парк“, на мултифункционалното игралиште на песок, со натпреварот помеѓу екипите на „Рексона“ и „Роса“, почна три дневниот, Прв турнир во ракомет на плажа во машка конкуренција, во организација на Ракометниот клуб „Работнички“, Ракометната федерација на Македонија и Град Скопје.
На отворањето на турнирот присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
– Ми претставува особена чест што вечерва сум тука за да го прогласам за отворен првиот Машки турнир во ракомет на Плажа. Овој турнир е под покровителство на Град Скопје, а во организација на Ракометниот клуб „Работнички“, кој што на 23 септември годинава ќе прослави 65 години од своето постоење, затоа би сакал да ја искористам оваа прилика и на членовите и раководството на овој наш реномиран ракометен клуб да му го честитам јубилејот. Овој турнир годинава се одржува прв пат, со цел промоција на овој специфичен спорт, но искрено се надевам дека идната година овој турнир ќе го доживее своето Меѓународно издание. Би сакал да ги поканам граѓаните на Скопје, овие неколку вечери да дојдат на Градската плажа Парк и да уживаат во овој промотивен турнир на еден нов спорт, каков што е ракометот на песок, истакна градоначалникот Трајановски.
Вчеравечер, се одиграа шест натпревари и тоа: РЕКСОНА – РОСА, меч во кој победници беа ракометарите на Роса, извојувајќи победа со повеќе погодени пенали по регуларните две четвртини што завршија со изедначен резултат, потоа НЕУРОМЕДИКА – ЦЕБОТЕКС (0:2), по нив играа екипите на АЛКАЛОИД и на ПАТОС, победи екипата на Алкалоид, чии што ракометари ги победија играчите на Патос со 6:5 во втората сесија на пенали, по изиграните регуларни четвртини што завршија со резултат 1:1, натпреварот НЕУРОМЕДИКА – РЕКСОНА заврши со резултат 0 наспрема 2, ЦЕБОТЕКС изгуби од АЛКАЛОИД со конечни 2:5 на пенали, по одиграни еден нспрема еден во двете четвртини, додека пак мечот РОСА – ПАТОС, заврши со резултат 0:2.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ (САБОТА 24.08.2013 г.)
18.00 часот РЕКСОНА – ЦЕБОТЕКС
18.40 часот НЕУРОМЕДИКА – АЛКАЛОИД
19.20 часот РОСА – ПАТОС
20.00 часот ЦЕБОТЕКС – РОСА
20.40 часот НЕУРОМЕДИКА – ПАТОС
21.20 часот РЕКСОНА – АЛКАЛОИД
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ (НЕДЕЛА 25.08.2013 г.)
18.00 часот АЛКАЛОИД – ЦЕБОТЕКС
18.40 часот ПАТОС – РЕКСОНА
19.20 часот РОСА – НЕУРОМЕДИКА
20.00 часот НАТПРЕВАР ЗА 3 МЕСТО
20.40 часот НАТПРЕВАР ЗА 1 МЕСТО
Ракометниот клуб „Работнички“ по повод 65 годишниот јубилеј организира низа спортски манифестации. Сите овие манифестации се под покровителство на Град Скопје и се дел од годишната програма за спорт на градот. Прв настан што ќе се случува по повод одбележувањето на повеќе од половина век постоење на еден ваков клуб е Машкиот турнир во ракомет на плажа што ќе трае до недела 25.08.2013 година. Натпреварите се играат на ракометното игралиште на песок на Градската плажа „Парк“ во термините од 18 часот до 23:30 часот.
Во рамки на турнирот се натпреваруваат 6 младински екипи и тоа според Бергеровиот систем, секој со секого, а финалистите за првите три награди ќе се борат токму во недела на 25-ти кога ќе бидат познати и победниците. Вториот настан за прослава на јубилејот ќе биде Женскиот турнир во ракомет на плажа што ќе се одржува веќе следниот викенд и тоа од 30.08.2013 година до 01.09.2013 година, а по повод 8 Септември, во организација на клубот ќе се одржи уште еден голем спортски настан, Големиот сениорски ракометен турнир кој што ќе има Меѓународен карактер.