Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска (недела, 08.09.2013 година) и официјално ја пуштија во употреба новоизградената катна гаража меѓу улицата Свети Кирил и Методиј и булеварот Македонија, во центарот на градот.
– Ми претставува особено задоволство што токму на овој ден, Денот на независноста на Република Македонија, ја пуштаме во употреба оваа модерна катна гаража, објект кој што има два ката под земја и седум ката над земја, со вкупно 445 паркинг-места, по 52 места во подземните нивоа, по 60 места од првиот до петтиот кат и 41 паркинг-место на шестиот кат. За лицата со посебни потреби се обезбедени 17 паркинг-места. На градежната парцела е изградено интегрално тело со димензии 50,3 на 50,3 метри со висина од 21 метар. На приземјето и на последниот кат се предвидени деловни простории со површина од 784 квадратни метри, на приземјето и од 460 квадрати, на последниот кат. Вертикалниот транспорт на посетителите во, катната гаража е организиран со 2 вертикални комуникации и 4 лифта, во чија близина се лоцирани санитарните јазли. За движење на возилата се изградени рампи, при што, една рампа се користи само за качување по катовите, а другата рампа само за симнување на возилата. Со ваквиот начин се обезбедува непречено целосно одвоено движење за влез и за излез на возилата. Објектот катна гаража на улицата Свети Кирил и Методиј е современ објект со модерен систем за видео надзор, систем за следење на слободни паркинг-места и за насочување на возилата, осветлување и испочитувани стандарди за противпожарна заштита – рече денеска градоначалникот Коце Трајановски.
Трајановски додаде дека пристап кон новата катна гаража е обезбеден преку новопроектираната сервисна улица која е поврзана со улицата Свети Кирил и Методиј.
– За потребите на гаражата се предвидени два влеза и два излеза за возила и 4 влеза за корисниците. Фасадата на објектот е изработена од ламинатни панели од природен материјал (дрво) со голема издржливост на температурни промени и атмосферски влијанија. Фасадата овозможува природна вентилација на објектот. За илуминација на фасадата се поставени 496 светилки со LED диоди. Постои можност за различни сценарија на осветлување на објектот, во повеќе бои и со различно времетраење. За изградба на катната гаража Градот Скопје вложи околу 743 милиони денари, а на терен работеа градежниците од ГД „Гранит“ АД Скопје. Проектот за катната гаража е на група автори – Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Саша Тасиќ, Александар Радевски, Никола Стрезовски и Дамјан Момировски, а автори на фасадата се од фирмата ППАГ од Австрија. Со оваа катна гаража ќе стопанисува ЈП „Градски паркинг“, а цената за паркирање ќе изнесува 30 ден од час. Оваа капитална инвестиција на Градот Скопје ќе придонесе за зголемување на бројот на паркинг-места во Скопје, а на граѓаните ќе им овозможи олеснето паркирање во овој дел од центарот – нагласи градоначалникот Трајановски.
Премиерот Никола Груевски денеска изрази задоволство од успешно завршениот проект за изградба на катната гаража меѓу улицата Свети Кирил и Методиј и булеварот Македонија и нагласи дека Владата ќе продолжи да ги поддржува капиталните проекти на Градот Скопје и во постојана соработка со граѓаните ќе придонесува за изградба на иднината на нашиот град.