Вчеравечер (вторник, 20 август) , во организација на Музеј на град Скопје и хотел „Стоун Бриџ“,а под покровителство на Град Скопје, официјално беше затворена 8-та по ред Меѓународна ликовна колонија „Скопје 2013“, којашто годинава се одржуваше од 10-ти до 20-ти август.
Колонијата беше затворена со традиционалната презентација за пошироката јавност на делата на десетте уметници коишто твореа на тема Скопје.
– Ми претставува чест што ја имам можноста да Ве поздравам на финалето на десетте творечки денови во рамките на Меѓународната ликовна колонија „Скопје 2013“. Новина на оваа ликовна колонија е што годинава, таа се одржува во хотелот Стоун бриџ, којшто е лоциран непосредно до симболите на градот Скопје – Камениот мост и Скопското кале. Почитувани уметници, се надевам дека престојот во Скопје дејствуваше инспиративно за вас и дека ќе се вратите во своите татковини со убави впечатоци и спомени за нашиот град. Дозволете ми од мое име, како градоначалник на Град Скопје и покровител на колонијата, да Ви пожелам добар пат и да Ви се заблагодарам за културното наследство што го оставате на градот Скопје и на Република Македонија, истакна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Оваа година на своите ликовни дела свој потпис оставија десет академски ликовни уметници, припадници на различни генерации и творечки стилови, кои живеат и создаваат во различни средини, меѓу кои: Сара Ерика Марија Хедберг од Шведска, Карен Агамиан од Ерменија, Симеон Панајотов од Бугарија, Букурије Даладаку од Германија и Зоран Чалија од Србија, како и домашните уметници: Христина Стојчевска, Мирјана Крстева Масети, Димитар Солаковски и Љубица Мешкова Солак.
Меѓу многу други активности на полето на културните збиднувања, потенцираше директорката на Музејот на град Скопје, Љубица Кондијанова, Градот Скопје несебично под свој патронат ја вброи и Колонијата, која годинава се одржува по осми пат, но прв пат во хотелот Стоун Бриџ, сместен во Старата скопска чаршија, која според местоположбата и многуте културно историски споменици е место каде што од минатото, па до денес се вкрстиле и поврзувале различни цивилизации и култури, место со импресивно богато културно наследство.
Присутните ги поздрави и менаџерот на Хотелот, Ивона Милошевска, којашто им се заблагодари на уметниците за нивното креативно гостување во „Стоун бриџ“ и посака и идната година оваа традиционална ликовна Колонија, повторно да се одржува во овој објект.