Од денеска (недела, 21 јули) граѓаните на Скопје и сите домашни и странски туристи до крајот на летото ќе можат да се разладуваат, забавуваат и рекреираат во првиот аква парк во Скопје.
Скопскиот Аква парк беше отворен во присуство на премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Во новата летна атракција во Скопје ќе работат 35 спасители. Покрај 34 лиценцирани спасувачи кои завршија обука, еден ќе биде преземен од Матка. Аква паркот ќе овозможи и 40 нови работни места, за лица кои ќе бидат ангажирани во угостителските објекти, три кафе-барови и еден ресторан. Ќе има редарска служба и просторија за давање итна медицинска помош.
Изведувачи на градежните работи се Полин од Турција, компанија која има реализирано преку 2.000 аква паркови ширум светот, како и Жикол од Струмица и Електроунион од Скопје.
Во изминативе денови се вршеше тестирање на опремата со која располага Аква паркот, лоциран на северната страна на спортскиот центар, веднаш зад хотелот „Александар Палас“.
Камен-темелникот на Градскиот аква парк го поставија премиерот Никола Груевски и директорот на СЦ „Борис Трајковски“ на 6 јануари годинава. Станува збор за прект, дел од Програмата на Владата на Република Македонија.