Филмска ревија на режисерот Гоце Димовски во Охрид

Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид, во рамките на тековните програмски активности организира филмска ревија на дел од кинематографскиот опус на режисерот Гоце Димовски. Вечерва (петок, 22.06.2012) во НУ „Григор Прличев“ ќе се одржи Охридска промотивна проекција на филмовите:

 

– Трендафил и Кунатка – документарен филм
– Бисерот од небото – документарен филм и
– Вишновата градина – краток игран филм

Покрај режисерот, на проекцијата ќе присуствуваат доајенот на македонското филмско и театарско глумиште Мето Јовановски и актерката Габриела Петрушевска, кои се дел од ектерската екипа. Проекцијата ќе започне во 20:00 часот.

—————————————————————————

Гоце Димовски е роден во Битола 1970 год. Дипломиран филмски и ТВ режисер, поет и сценарист. Завршил филмска академија во Софија, на универзитетот NBU, на катедрата за филмска и ТВ режија. Автор е на збирки поезија, сценарија за кратки и документарни филмови, како и на сценарио за долгометражен игран филм. Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1998 година.

Трендафил и Кунатка е документарен филм снимен 2006 година, во продукција на „Молика Филм“ од Скопје.

Имено, станува збор за суровата реалност, кога пред очите на сите нас се опустошува македонското село и повеќе децениската негрижа на еден контроверзен систем во кој епохата е сведоштво и на главниот лик по име Трендафил, кој е единствен жител на едно погранично село на македонско-грчката граница, или поточно селото Сливица кое припаѓа во регионот на битолското Мариово.

Бисерот од небото е 30 минутен документарен филм – последно филмско остварување на режисерот Димовски, снимен во 2012 во копродукција на „Молика Филм“ Скопје и Граѓанската невладина асоцијација „Пријатели на Демир Хисар, Демир Хисар.

Во филмот се портретираат ликот и делото на Јане Ангелевски, познат музичар, истакнат педагог и учител, хуманист и голем човекољубец и милосрдец. Преку афтентични и јавно непубликувани видео записи од приватни архиви, одбрани елоквентни беседи на познати личности од музичкиот, верскиот и уметничкиот живот, режисерот прави подеднакво интересна и потресна приказна која ја започнува и раскажува главниот „лик“ на филмот – гулабот.

Вишновата градина
Краток камерен филм, говорна драма, работен по оригинално сценарио, по мотиви на истоимената пиеса на Антон Павлович Чехов.

Филмот говори за контроверзите на социјализмот, епоха во која човечките вредности и права, се во жесток судир со општествениот поредок и колективните принципи на системот.

Една година после падот на Берлинскиот ѕид, кога всушност се најавува и падот на социјализмот во Европа, група општински социјалистички чиновници се доведени во панична состојба, свесни за жестоките политички принципи на практикување на власта и личните неправди од кои настрадале безброј недолжни семејства.

You May Also Like