Филмови од Гарванлиева и Карамучо во Кинотека

Во Кинотека на Македонија вечерва (понеделник, 29 октомври) во 22:00 часот ќе бидат прикажани документарните филмови на режисерката Билјана Гарванлиева „Девојчето што бере тутун“ и на режисерот Барис Карамучо од Косово, „Чие е ова знаме“. Филмовите се на турски, македонски и на албански јазик со англиски титл.

 

Кинотека на Македонија
Кинотека на Македонија

Режисерот Барис Карамучо во филмот „Чие е ова знаме“ ја става на вага претставата за националниот идентитет на смрзнатите Косовци, кои на студ го кажуваат своето мислење за новото, контроверзно знаме. Интервјуата ја следат главната нишка во филмот – учителката во градинка им објаснува на малите деца за сината, белата и златната боја, за кои сите се караат.

„Девојчето што бере тутун“ на македонската режисерка Билјана Гарванлиева е филм за четиринаесетгодишното девојче Мумине, кое со својата фамилија живее само од одгледување тутун. Едно кило тутун чини 3 евра, а една мома 3.000 евра. Така и Мумине еден ден ќе биде дадена на својот иден маж за пари. Таков е обичајот кај Јуруците. Но, таа се бунтува против оваа традиција… Филмот ја следи скоро цела година Мумине на нејзиниот пат да го најде своето место во животот – помеѓу традицијата и модерната – и притоа дава еден емотивен поглед во афтентичната култура на Јуруците во Македонија.

Заедничката проекција на Гарванлиева и Карамучо е дел од документарниот проект „Балкан окспрес“ на авторката Ивана Квесиќ од Швајцарија. Седуммина режисери од поранешна Југославија сакаат да тргнат заеднички на пат од Македонија за филмскиот фестивал во Швајцарија и притоа да се запознаат меѓусебно како и земјите од каде што доаѓаат. Режисерот Карамучо со својата камера го опсервира патувањето, а овој оригинален проект-изложба ќе биде премиерно презентиран од 7 до 11 ноември на најреномираниот интернационален фестивал за краток филм „Винтертур“ во Швајцарија. Во рамките на фестивалот премиерно ќе биде прикажан филмот на Гарванлиева „Шивачките“, како и филмот на Карамучо. Проектот е поддржан од филмскиот фестивал „Винтертур“, како и од Кинотека на Македонија.

 

Проекцијата трае ќе 75 минути, а влезот е слободен.

You May Also Like