„Феникс“ ги додели годишните книжевни награди

Издавачката куќа „Феникс“ денеска им ја додели наградата „Прозни мајстори“ за 2013 на писателите Петко Шипинкаровски – за романот „Децата на Марија“, Гоце Ристовски – за романот „Врамување во пустелија“, Славчо Ковилоски – за збирката „Лоша тетка и други раскази“ и наградата „Македонска книжевна аванграда“ која за 2013 ја прими Марина Мијаковска за стихозбирката „Психоаналитичка алхемија од страсти“.

kniga book

„Децата на Марија“ е шести роман на Шипинкаровски кој, како што рече тој на литературната средба, тематски е близок со неговиот прв роман „Откорнати души“ од 2003 година, зашто ги опишува страдањата на Македонците во Првата светска војна.

– Како автори живееме во свое време, но влегуваме во друго време и носиме пораки за иднината, кои може да бидат пријатни, но и предупредувачки, рече Шипинкаровски, уредник на списанието за литература „Бранувања“ и организатор на Струшките литературни средби.

Романот „Врамување во пустелија“ e посветен на животните и литературните премрежиња на драмскиот автор Коле Чашуле и на судењето на Ченто иако тоа, рече авторот Гоце Ристовски, не е главниот мотив на романот.

– Романот не завршува зашто може да се чита кружно, а околу 300-те фусноти на крајот на книгата не се само појаснувања, туку кријат и приказни за основното дејство, рече меѓу другото Ристовски.

Книгата со 30 раскази „Лоша тетка и други раскази“ на Славчо Ковилоски, според рецензијата, содржи поетизирани бесфабулни раскази со (само)иронија и неочекуван крај. Ковилоски професионално е историчар, а во расказите користи урбан јазик (сленг) што доаѓа и од неговиот раперски бекграунд.

– Не создавам мелодраматични ситуации, сакам да сум конкретен, без читателот да се прашува што сакал писателот да каже. Поттик, патоказ ми беше женственоста, а лошата тетка е конкретна личност, истакната авторка, рече младиот Ковилоски, кој веќе има објавено три романи.

Покрај наградата на „Феникс“, за својата збирка поезија „Психоаналитичка алхемија од страсти“ Марина Мијаковска ја доби и „Карамановата награда“. Збирката е трета нејзина објава а, како што рече, наградите и помагаат да се афирмира нејзиниот ракопис.

Според рецензијата, се работи за јасно детерминирано женско писмо со феминистички стихови кои ја бојат нејзината поезија со интелектуално-поетизирана старст.

Со врачувањето на годинашните признанија, „Феникс“ и фондацијата „Македонија презент“ го завршија едномесечниот Фестивал на чајот и читањето. Уредникот Христо Петрески рече дека „Феникс“ и натаму ќе продолжи да ги наградува авторите кои работат вредно, а не се експонирани.

– „Феникс“ ќе продолжи да исправа неправда и да наградува автори кои не се под големите рефлектори, а работат вредно како мравки, рече Петрески.

You May Also Like