Утре започнува фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола

Со премиера на македонскиот филм „Соба со пијано“ на режисерот Игор Иванов Изи, утре (14 септември, сабота) во Битола започнува 34-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. На програмата се 74 филмски наслови од светската и македонската кинематографија, годинашното мото е „Пушти ја светлината“, а фестивалот ќе трае до 20 септември.

pusti_ja_svetlinata

Во главната програма има 12 исклучителни филма, Новите визии претставуваат жестоки 6 проекти, документарната селекција 8 провокативни наслови, во натпреварувачката програма на краток филм – 9, 4 филма се дел од омажот за Кирил Ценески, Вип оператор пред најмладите ќе прикаже бесплатно 5 филмови за деца, 11 наслови ќе се „вртат“ во склоп на македонската панорама, 14 краткометражни проекти во програмата „Short matters!“ на Европската филмска академија. Покрај тоа, ќе бидат проектирани 2 филма „Во чест на“ лауреатите Хосе Алкаин (Кожата во која живеам) и Ањес Годар (Дом).

Централен настан оправдано се очекува да биде Црно-бело со пијано, каде заедно со Кинотека на Македонија, првпат ќе бидат прикажани сите дигитализирани филмови од оставината на браќата Манаки во пијано придружба на групата „Маротови“, што ќе ги евоцира почетоците на филмската уметност и автентичноста на филмот пред неговото озвучување.

Од премиерите, две се во главната програма и по еден во програмата на документарен и на краткометражен филм. Најпрво Соба со пијано, за кој има толку голем интерес што е обезбедена и втора проекција од 23.00 часот, на која пред битолчани исто така ќе се поклони целата екипа. Првпат за публиката ќе бидат прикажани и Барајќи ја среќата на Марија Џиџева за ергените од Битолско кои бараат невести во Албанија и Слатки на еден од најинтригантните израелски режисери, Јосеф Пичадѕе, а македонската премиера ќе има и стоп-анимацијата Алерик на Вук Митевски, којa минатиот месец беше учесник на Сараевскиот ФФ.

Покрај филмската програма, предвидени се и други изненадувања. Претставувањето на три балкански катедри за кинематографија (од Белград, Љубљана, Скопје), што ќе ја покаже иднината на професијата и младите автори. Исто така, на фестивалот ќе гостува дебатниот клуб од Битола Контра кадар со филмска дискусија. Од останатите дополнителни настани Фестивалот ќе понуди и 3 разговори со наградените со наградата за животно дело и со специјалната награда „Златна камера 300“, четири работилници, Втората балканска конференција на директори на фотографија со поддршка на ИМАГО, промоција на книгата Теоријата и практиката на документарниот филм од Антонио Митриќески, сценариското катче, итн.

Годинава во рамки на Фестивалот и Друштвото на филмските професионалци на Македонија одлучи да му додели посебна Златна камера 300 за особен развој на македонската кинематографија на режисерот Кирил Ценевски.

И годинава отворањето и затворањето на „Браќа Манаки“, директно од црвениот тепих ексклузивно ќе се пренесува на првиот канал на МТВ.

You May Also Like