АКТО Фестивалот за современи уметности годинава ќе се одржува во периодот од 9 до 11 август, 2013 год. во Битола, како дел од Битолско културно лето, Битфест 2013.
Темата на овогодинешното издание е „Час по природа и општество“ во чии рамки ќе може да се проследи кураторскиот проект насловен ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ, АРХИВИ НА ГРАЃАНСКАТА НЕПОСЛУШНОСТ на Ивана Васева, Филип Јовановски, Јованка Попова.
ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ, АРХИВИ НА ГРАЃАНСКАТА НЕПОСЛУШНОСТ е подолгорочен кураторски проект кој подразбира процес на собирање и дистрибуирање на литература која се однесува на граѓанска партиципативност, активност и реакција по пат на донации од индивидуалци, претставници на невладиниот сектор и организации и здруженија кои се согласни да делуваат во насока на градењето на отворено и современо демократско општество.
Живата библиотека претставува отворена збирка од колективно знаење формирано од страна на самите граѓани. Таа постојано се гради и надополнува, преиспитувајќи ја идејата за тоа што претставува „знаењето“ и како тоа се манифестира во услови на радикални промени во социо-политички контекст.
Притоа, индивидуалното видување, јавното искажување став и партиципативност преку избор и донирање на конкретна книга поврзана со претпоставената тема е основа која допринесува во обликување на содржината на „живата“ библиотека, но во исто време станува сведоштво на колективно разбирање на актуелните состојби и креира критички дискурс кон истите.
Структурата на проектот подразбира две тематски целини:
– „Вагнер и Лист – Конструкции на современи митови“, која се однесува на литература поврзана со создавањето на современи митови и нивно распознавање и влијание во современиот македонски контекст и го отвора прашањето – Како и зошто имаме потреба од митови, кои се тие и зашто погрешниот избор и толкување претставуваат опасност во денешнината?
– “Захарија Шумљанска – Симбол на пожртвуваност и активизам“, во чиј фокус е литература која иницира и колерира со различни видови на граѓанско делување.
Во рамки на кураторскиот проект, ќе бидат одржани и две читачки групи со гости од земјава и регионот како и повеќе уметнички проекти кои се од перформативен но и едукативен карактер.
За целите на проектот ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ, АРХИВИ НА ГРАЃАНСКАТА НЕПОСЛУШНОСТ е распишан и отворен повик, до сите оние кои сакаат да подарат и споделат книга за која сметаат дека е особено важна за исчитување и дискутирање во денешниот општествено – политички контекст.
OFF Програмата оваа година ја сочинуваат македонски бендови кои се сметаат за заслужни за обновување и одржувањето на македонската независна инди и електронска сцена и кои, не само што ги следат светските трендови, туку и храбро се споредуваат со светските имиња кои доаѓаат од локалните сцени на големите градови како Берлин, Лондон, Њујорк.
Акто фестивалот е регионален фестивал за современи уметности во Битола којшто вклучува визуелни уметности, изведувачки уметности, музика и теорија на култура. Фестивалот се организира од 2006 год. и се наметна како сериозен актер во промоција и продукција на нови форми на влијание врз граѓанската свест и влијание, како локално така и во регионот. Главната цел на Акто фестивалот е да ги отвори културните рамки на современото општество преку нивно повторно компонирање и дефинирање во нов контекст. Програмата на фестивалот се базира врз два концепти: тематски и просторен.
Главната идеја на фестивалот е делата да излезат од нивните стандардни локации (галерии, музеи, театри) коишто се користат за нивна презентација и да се претстават во нови (физички) простори. АКТО фестивалот до сега соработувал во партнерски пректи со неколку организации од регионот реализирајќи 7 изданија, со учество на околу 200 уметници, претставени преку голем број на изложби, конференции, настани.