Во „Галерија 8“, преку дружба со актерите од Прилепскиот театар беше промовиран новиот, 12-ти број на активистичкото списание „Лице в лице“.
Во пријатниот амбиент на Безистенот, гостите-актери на присутните им приредија ретка прилика да ѕирнат во нивните проби и во подготовката на најновата претстава, „Мажот е маж“ по текст на Бертолт Брехт, четврта по ред, која овој колектив заедно ја работи со режисерот Мартин Кочовски.
„Читачката проба“, која имаше за цел да ја долови специфичноста на начинот на работа на овој театарски колектив, беше увертира и за промоција на новиот број на „Лице в лице“, чија тема во фокус е ангажираната страна на уметноста. Тоа беше и повод модераторот на вечерта, водителот и колумнист, Огнен Јанески, разговорот со актерите да го насочи кон темата: ангажиран театар.
– Политичкиот театар, кој ние го пракитикуваме, и кој почнува со Брехт, е меѓу првите што обидува да го разбие аристотелскиот театар. Тој посочува дека не треба животот на сцената да се имитира, туку треба на публиката да ѝ се каже „Размислете за ова што ви се случува и вас, па одлучете како ќе реагирате на тоа“. Тоа е тој епски театар во кој активно учествува и публиката – сподели со присутните актерот Владимир Ѓорѓијоски.
На вечерта во „Галерија 8“, каде дојдоа многу љубители на театарот и поддржувачи на списанието „Лице в лице“, актерите зборуваа и за трагата што нивниот колектив ја остава со својата работа последниве неколку години:
-Личен репер за успехот на еден театар е и излегувањето од сцената на матичниот. Дали е Скопје, Љубљана, Загреб или Сараево, не е важно, но, така секогаш луѓето може да ги видат нештата од дистанца, без доза симпатија и лажно претставување, лицемерие… И она што е посебно важно, претставите кои ги режира Кочовски секогаш носат реакција „Истото се случува и кај нас“, па дури и кога се разботи за различно општествено уредување. Човештвото има исти проблеми насекаде. И пред 50 години, и сега. И „Швејк…“ и „Мажот…“ и „Тапани во ноќта“ секогаш делуваат актуелно, зашто носат вечни човечки теми, кои вреди одново да се отвораат, препрочитуваат – нагласија актерите.
Дел од нив отворено зборуваа дека театарот сѐ уште е на најниските скалила од уметностите во Македонија, но, дека и промените кон подобро се видливи.
-Долго време Прилепскиот театар и беше познат само на прилепската публика. Откако почнавме да правиме претстави кои не се само за уживање, туку сакавме да кажеме и нешто повеќе – тогаш за нас слушна Балканот, и Европа. Се надеваме ќе продолжиме така – нагаласи актерот Игор Трпче.
Режисерката, пак, Наташа Поплавска ги нарече актерите од Прилепскиот театар „Новиот македонски театарски бран“, констатација со која се согласија речиси сите присутни на настанот.
На оваа вечер „Лице в лице“ ја одбележа и својата втора година од излегувањето, и тоа со торта специјално подготвена од пријателите и поддржувачи,, „Вешта жена“, на која роденденската свеќичка ја дувнаа продавачи на магазинот од редовите на „Црвен Крст“, Дневниот центар за згрижување деца од улица, „Солем“ и „Порака“.
Честитките за вториот роденден, магазинот доби и од многу јавни личности, уметници, соработници… кои се негова публика од првиот број.
Најновиот, 12-ти, број на „Лице в лице“, кој се поклопува со вториот роденден, е посветен на ангажираната страна на уметноста, донесува повеќе интервјуа, анализи, текстови во кои ги бара одговорите за моќта и улогата на уметноста во трансформацијата на општеството, за важноста на активизмот како граѓанска алатка, за уметноста како став, за промените што ги продуцира независната сцена, за улогата на уметноста во работата со ранливите сограѓани, за добронамерните граѓански акции.
На овие теми, своите ставови ги споделуваат академикот Влада Урошевиќ, професорите Небојша Вилиќ и Милена Драгичевиќ – Шешиќ, актерката Јасмина Билаловиќ, уметниците Ване Костуранов и Велимир Жерновски, менаџерот во културата Билјана Тануровска – Ќулавковски, уметничкото дуо „Ефемерки“…
Како член на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), „Лице в лице“ донесува и интервју со израелскиот режисер Ари Фолман, познат по својот наградуван филм „Валцер со Башир“, како и првото интервју на вдовицата на Нелсон Мендела, Граса Машел, после смртта на нејзиниот сопруг.