Денеска (среда, 10.07.2013 година) во Општина Чаир се одржа средба на службите на Градот Скопје и на јавните претпријатија на Град Скопје со урбаните и месните заедници од Општина Чаир.
На денешната средба присуствуваа градоначалниците на градот Скопје и Општина Чаир, Коце Трајановски и Изет Меџити, директорите на јавните претпријатија на Градот Скопје и надлежните на пунктовите во Општина Чаир, раководителите на секторите на администрацијата на Градот Скопје и Општина Чаир, како и претставници од сите урбани и месни заедници од Општина Чаир.
Станува збор за прва средба во Општина Чаир по локалните избори или вкупно деветта средба од воспоставувањето на овој принцип на работење, на која урбаните и месните заедници, заедно со претставници на градската и општинската администрација вршат анализа за работата на јавните претпријатија и даваат насоки за понатамошно делување.
Градоначалникот Трајановски на почетокот на средбата даде краток осврт за реализираните проекти на територијата на Општина Чаир изминативе 4 години, каде како најважни ги наведе реконструкцијата на булеварот “Никола Карев”, реконструкцијата на улиците “Самоилова”, “Ќемал Сејфула”, “Пере Тошев”, изградбата на нов кружен тек помеѓу улиците “Втора Македонска бригада” и “Лазо Трповски”, реконструкцијата на улици, изградбата на нова атмосферска канализација во МЗ “Бајрам Шабани”, како и изградбата на потполно ново осветлување за Старата скопска чаршија.
Како најважни проекти кои треба да се реализираат на територијата на Општина Чаир во наредниве четири години, Трајановски ги наведе проширувањето на булеварот “Христијан Тодоровски Карпош”, проширувањето на булевар “Никола Карев” (т.н. Пластичарска улица) до амбасадата на САД во Република Македонија, како и реконструкција и проширување на улица “Цветан Димов”.
На средбата најмногу се дискутираше околу плановите за развој на Старата скопска чаршија, степенот на комуналната хигиена и водоснабдувањето во одредени места во општината.