„Театар на црвена линија“ мотото на 38-от МОТ

Под мотото „Театар на црвена линија“, традиционално на крајот на септември, по 38 пат ќе се одржи Меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ).

MOT 2013-poster

Во осумте фестивалски фестивалски вечери, од 19 до 26 септември 2013 година, публиката ќе може да ужива во 15 претстави, а градот Скопје и МКЦ ќе бидат домаќини на повеќе од 300 гости од театрите од Белгија, Италија, Турција, Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, и секако од Македонија.

Отворањето е резервирано за белгиската кореографска претстава Тоа што телото на го памети во режија и кореографија на Вим Вандекејбус која критиките на престижните Њујорк Тајмс и Гардијан ја оценуваат како исклучително иновативна и значајна и престава која ги поместува границите на театарската уметност на меѓународно ниво. Меѓу останатите девет претстави во меѓународниот дел од програмата се и Ноќна пеперутка на Народниот театар Иван Вазов од Софија, во режија на Јавор Гардев, Прст копродукција на Хартефакт и Битеф Театар во режија на Ана Томовиќ, Галеб на Српско народно позориште во режија на Томи Јанежиќ, Жолта линија на Загребачко казалиште младих, во режија на Ивица Буљан и претставата Метаморфози на Југословенското драмско позориште, во режија на македонскиот режисер Александар Поповски.

MOT 2013_JDP-(Metamorfozi)

Вљубениците во театарот и пријателите на МОТ ќе имаат чест да уживаат во две премиерни претстави – Носталгиумот на еден перфориран копиљ (Пу за мене, пу за сите) во режија на Јане Спасиќ и претставата Малечката во режија на Сема Али Ерол на Кумпанијази театар од Истамбул, Турција.

Во рамките на македонската програма во која се предвидени шест претстави, ќе настапат Народниот театар од Битола, Театарот од Куманово и независниот алтернативен театар Вондерленд како и студентите од Факултетот за драмски уметности и Скопје танцова академија и академијата ЕСРА.

И годинава МОТ нуди и богата придружна програма – работилница за драмско пишување под водство на проф. Жанина Мирчевска, работилница за танц под водство на проф. Рисима Рисимкин, презентација на книгата 7 драми од БиХ, чиј приредувач и преведувач е театарката критичарка и публицистка Лилјана Мазова, а книгата ќе ја претстават заедно со театарскиот режисер и директор на меѓународниот фестивал МЕСС Дино Мустафиќ, како и презентација на книгата Моќта на театарот на Љубиша Никодиновски Биш и презентација на фондот Хартефакт.

MOT 2013_ZKM (ZoltaLinija)

MOT 2013_NT-Ivan-Vazov-(NoknaPeperutka)

Придружната програма е збогатена и со одбележување на 40 годишниот јубилеј од актерското делување на Бајруш Мјаку со претставата „Народен непријател“ во режија на Дино Мустафиќ.

Годинава публиката и новинарите ќе имаат несекојденевна можност за интеракција со изведувачите и учесниците во претставите. По секоја претстава во рамките на „На чаша вино со..“ ќе имаат можност во опуштен разговор да дознаат неоткриени детали и интересни моменти за претставата што ја одгледале.

Инаку годинава, за реализација на фестивалот Млад Отворен Театар градот Скопје издвои 1.500.000 денари, а фестивалот е поддржан и од Министерството за култура со средства во висина од 4.500.000 денари. Градот Скопје исто така учествуваше и во последните технички и реконструкциски зафати кои преку целиот летен период се одвиваа во Младинскиот културен центар, и кои се во завршна, финална фаза на реализација.

Како дел од овие зафати комплетно беше променет сценскиот под во Салата Фросина, во Денсинг салата на МКЦ беше поставена плафонска конструкција за светло и декор по целата нејзина површина, па сега, покрај музичките концерти, таа отвора можности и за организација на други настани и продукции на алтернативни театарски претстави, а по четридецениско користење, за прв пат е извршено и комплетна реконструкција и техничко доопремување на култното Џебно кино во МКЦ. Како дел од тие зафати, во него сега е поставено ново гледалиште со капацитет од 80 седишта, но се додадени и нови сценски и светлосни конструкции, како и нов видео проектор.

Резултатите од сите овие активности, пополека го враќаат Младинскиот Културен Центар во полна техничко-инфраструктурна кондиција, па така, сега дури повеќе од 60% од фестивалската програма ќе има услови да се реализира токму во просториите и салите на МКЦ.

Останатиот дел од претставите ќе се играат на сцената на Македонската опера и балет – МОБ и Македонскиот народен театар – МНТ.

 

 

You May Also Like