Публиката во преполната летна дискотека „Колосеум”, саботата вечер ја помина пеејќи ги во еден глас хитовите заедно со Тамара Тодевска. Придружувана на бината од повеќе од 8 професионални музичари, Тамара имаше концерт за паметење.
Таа со најавените гости Тони Зен и Влатко Илиевски ги испеа нивните заеднички песни, додека пак Роберт Билбилов на клавијатурата ја придружуваше во една од најслушаните балади годинава, „Готово е”, чија музика ја напиша токму тој.
Вистинско изненадување за публиката беше кога на бината и се придружи сестра и Тијана, која заедно со Тамара ја изведе моќната женска химна „Признавам”, испеана од сестрите Маријана и Росана.
Со неколку часовниот концерт Тамара ја потсети публиката на нејзините најголеми хитови, но ги размрда и со новите песни меѓу кои и последната, „Само сакам да” која постојано се врти на радио и веќе стана летен хит. Со брз и остар ритам, „Само сакам да” е дело на композиторот и продуцент Бертан Аслани, додека пак за текстот на новата песна се потпиша познатиот рапер Тони Зен.
За видео записот таа повторно соработуваше со режисерот Владимир Дади Ивановски.