Студија и менаџмент-план за заштита на битолската чаршија

Изработени Студија и Стратешки менаџмент-план за заштита на Старата чаршија во Битола …

carshija bitola 2

Со Студија за ревитализација на Старата чаршија во Битола и со Стратешки менаџмент-план за заштита на ова значајно споменично јадро беше заокружен проектот „Зајакнување на културното наследство преку планирање на животната средина и менаџмент – ШЕРПЛАН”, кој со средства од ИПА-фондовите на Европската Унија, се реализираше од октомври 2011 до февруари 2014 година.

Проектот, освен изработката на Студијата чија основна цел е да ги валоризира, да ги заштити и да ги промовира вредностите на Битолската чаршија со имплементирани социо-економски, историски, биофизички и инфраструктурни аспекти и на Стратешкиот менаџмент-план за заштита на ова јадро, опфаќаше и изработка на ГИС-мапа за 50 објекти во Старата чаршија, типолошки извештај за заштита на културното наследство, организирање работилници на кои граѓаните можеа да ги истакнат своите идеи и мислења за унапредување на заштитата на споменичната целина, семинари и друго.

charshija bitola 1

Овие документи, кои беа изработени од страна на еминентни експерти од областа на заштитата на културното наследство и туризмот, претставуваат основа и пишани прирачници за тоа како треба во иднина да се развива Старата битолска чаршија која, со модернизацијата, започна да го менува својот изглед, а со тоа се појави и ризикот да се изгубат типичната архитектура, занаетите, манифестациите и други културни вредности кои се дел од локалната традиција, а истовремено претставуваат и туристичка атракција.

Во проектот „ШЕРПЛАН“ беа вклучени 13 партнери од неколку земји од Европа и регионот, односно, од Италија, Австрија, Словенија, Црна Гора, Албанија, Грција и се разбира, Република Македонија, при што водечки партнер беше Автономниот Регион- Фриули Венеција Џулиа од Италија, кој имаше координативна улога и одлично искуство во менаџирање на транснационални проекти.

charshija bitola

Проектот „ШЕРПЛАН“, во основа подразбираше изработка на посебна методологија за планирање на заштитата на културното наследство. За таа цел, во сите земји-партнери на проектот, беа избрани споменични целини кои претставуваат дел од богатото културно наследство на регионот и во нив, во изминатиот период, се реализираа различни проектни активности.

Проектот ги истакна принципите на европските институции во интегрираниот пристап кон заштитата на културното наследство, како и заложбите на Република Македонија партнерски да учествува во проектите што ја продлабочуваат регионалната соработка и промовираат нови и одржливи методи за зачувување и користење на културното наследство. Проектот беше поддржан од УНЕСКО и се имплементираше во рамките на Транснационалната програма за соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа. Неговата имплементација беше од исклучително значење за Република Македонија бидејќи, со неговото одговорно и ефикасно спроведување, се обезбеди значајна поддршка за исполнување на критериумите за влез на нашата држава во Европската Унија.

You May Also Like