Претставници на администрацијата на Градот Скопје од 08 до 11 октомври беа на студиска посета на Виена.
Посетата беше организира од UN WOMEN – Тело на Обединетите Нации за родова рамноправност и зајакнување на жената (UN WOMEN – Unitet Nations Entity for gender equality and the empowerment of women), а целта на посетата на Виена беше едукација на членовите на градската администрација за прашања од сферата на родовата еднаквост, родовото буџетирање и родовата интеграција.
Размената на искуства со Виена е од особено значење, ако се земе предвид дека овој град е светски лидер во промоцијата и имплементацијата на родовата еднаквост, родовото буџетирање и родовата интеграција, како и дека сите овие аспекти се имплементирани во нивното секојдневно функционирање од 2005 година.
За време на неколкудневната посета на Виена, предавања одржаа Урсула Бауер, раководител на Извршната канцеларија за родовата интеграција (Gender mainstreaming) при Град Виена, Микаела Шац, раководител на Секторот за родово буџетирање при магистрантскиот оддел 5, Ева Кали, специјален советник за родово одговорно урбано планирање, Марион Гебхард, Раководител на Секторот за женски прашања на Град Виена, како и Магдалена Лангер, Александра Грасл и Сабина Хофлрек од Секторот за здравјето на жените при Градот Виена.
Оваа студиска посета има за цел да ги зајакне капацитетите на градската администрација во овие области, како и да ја подготви за процесите и предизвиците кои произлегуваат од имплементацијата на Стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје.
Стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје е сеопфатен документ, донесен во март 2012 година, којштo ја изразува политиката на Градот и плановите за остварување на визијата Скопје да прерасне во родово еднаков град.
Градот Скопје е единствената единица на локалната самоуправа во Република Македонија која има донесено ваква стратегија.