Струмица се подготвува за вториот Опен фест

Многу уметности, иновативни настани, невообичаени активности, културни манифестации, негување на фолколорот, хуманитарни збиднувања – програма со која ОПЕН фестивал се оградува од етикетата струмички пиво-фестивал.

oro_strumica_open_fesr

Годинава, во месец август, ќе се случи второто издание на фестивалот којшто го организира здружението Културен Забавен Живот од Струмица. Со тоа граѓаните од оваа околина конечно добија една богата културна манифестација чијашто цел е да ги задоволи различните вкусови, да ја негува култура, разбуди хуманоста, но и да даде бесплатна забава.
Ако првиот Струмица ОПЕН траеше 7 дена, според официјалната програма, годинашното издание трае цели 10 дена.

„Програмата од 10-19 август е веќе одамна комплетирана и ние веруваме дека граѓаните ќе добијат богата културно-уметничка, но и забавна програма што ќе допринесе нашиот фестивал да ги задоволи сите вкусови и да ги натера граѓаните да ги вклучат сите свои сетила. Како што е и нашиот слоган, се надеваме дека тоа ќе бидат најубавите 10 дена ова лето!“, велат организаторите запрашани за подготовките и програмата.

Официјалното отворање на фестивалот ќе се случи на 10 август (сабота) кога по булеварот ќе продефилираат вкупно 15 ансамбли од Македонија и Балканот. Во текот на вечерта, на големиот плоштад „Гоце Делчев“ тие ќе се претстават со свој настап. Во текот на вечерта посетителите ќе имаат можност да бидат сведоци на најмасовното и најдолго оро на нашите простори.
„Струмица го има еден од водечките фолклорни ансамбли „Тримери“ кои заедно со своите пријатели и соработници од земјата и странство ќе одиграат 45-минутно Оро без граници создадено од над 400 фолклористи“, објаснува организаторот на фестивалот.

Овој настан е само еден во низата на културно-уметничката програма којашто пак ќе биде затворена со концертите на големата музика ОПЕН фест сцена со настапите на Суперхикс, Кирил Џајковски, Жељко Самарџиќ, Ален Исламовиќ, Северина.

You May Also Like