Во тек е организирањето на првиот Фестивал за процесирање култура ДримОN кој ќе се одржи од 24- 28 јули 2013 во Струга.
Фестивалот го реализира здружението Иницијатива за независен културен активизам ИНКА Струга, во партнерска соработка со Центарот за Култура „Браќа Миладиновци“ Струга.
Од ИНКА за велат: „Преку нашата петдневна програма посетителите ќе можат да учествуваат на различни креативни работилници, предавања, музички изведби, независен театар, независен филм , поетски читања и др.
Програмата е креирана во тематски денови насловени поединечно како:
• Јаки жени –женско творештво
• Ачик Активизам – активизмот и креативните индустрии
• Збор- два текст – литературно творештво
• Утрешниот уметник – современи текови во уметноста
• Урбан шаман – уметноста и културата на живеењето
На фестивалот ќе се претстават автори од младата современа арт сцена, како и предавачи експерти од академската и креативната бизнис сцена.
Фестивалот е наменет за категоријата на граѓани кои ја следат културноуметничката сцена кај нас. Потесно таа и се обраќа на студентската популација која се интересира за современите културолошки текови и е во потрага по насоки за правилно усмерување на уметничките вештини во современите економски околности.
Во рамки на програмата со посебни утрински работилници ќе бидат опфатени и најмладите од 8 до 13 години.
„Очекуваме дека фестивалот ќе биде препознаен како потребен за локалната заедницата и културната сцена. Овие заедници уште во текот на подготовките на фестивалот покажуваат огромна поддршка и уште сега брои преку 30 поединци и неколку институции кои посветено и без никаков надоместок го подржуваат фестивалов .
Фестивалот е граѓанска иницијатива и првото издание се имплементира без финансиска поддршка. Сепак оваа иницијатива наиде на поддршка од бизнис и невладиниот сектор, а останатите трошоци за фестивалот, ќе се покриваат преку доброволните донации од посетителите – додаваат од ИНКА“.
———————
Здружението ИНКА поттикнува активности кои потенцијално ќе го надополнуваат развојот на заедниците и квалитетот на живот преку збогатување на културните и уметничките случувања, а во нејзиниот фокус ќе биде промовирање на влијанието на уметноста во економскиот развој на заедниците.
Здружението промовира лидерство и граѓанско учество, се залага за социјална вклученост и еднакви можности, делува на унапредување на интеркултурните односи и создава можности за одржлив економски развој преку креативните индустрии.