Стихозбирката “Митологија на сонот” на Влада Урошевиќ со промоција во Софија

Вечерва (вторник, 28 мај), во просториите на книжарата Хеликон во Софија, со почеток од 18:00 часот ќе биде промовирана стихозбирката “Митологија на сонот”,која неодамна ја издаде бугарското книгоиздателство Ерго.

Изборот и препевот на бугарски јазик е на поетот Роман Кисјов, а проектот е реализиран со поддршка на европската литературна мрежа Традуки.

Академик Влада Урошевиќ, кој лично ќе присуствува на настанот, ќе биде претставен пред публиката во Софија од директорот на македонскиот КИЦ во Софија, Васко Шутаров, лауреатот на Струшките вечери на поезијата, бугарскиот поет и писател Љубомир Левчев, литературниот критичар и поет д-р Јордан Ефтимов и преведувачот на делото Роман Кисјов. Одбрани стихови од стихозбирката на бугарски јазик, ќе чита популарниот актер Николај Урумов.

Првата стихозбирка на академик Урошевиќ на бугарски јазик е издадена во 2006 година, а ова е негово второ дело кое ќе може да се најде во бугарските книжарници и пред читателската публика во Софија.

Промоцијата на стихозбирката “Митологија на сонот” во Софија, се реализира со поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија.

You May Also Like