Стихозбирка за деца „Тажното змејче“ на Симона Груевска Маџоска

Издавачка куќа „Македонска реч“ ја објави стихозбирката за деца „Тажното змејче“ на Симона Груевска Маџоска. Книгата содржи четириесетина песни и е наменета за децата со помала возраст.

Преку стиховите на оваа книга авторката суптилно навлегува во детскиот свет и обработува низа современи ситуации и проблеми, кои често на децата им изгледаат огромни.  Симона Груевска Маџоска користи и мотиви од народната митологија и фолклорот и ликови од најомилените јунаци на децата, што пак книгата ја прави попривлечна за најмладите читатели, кои во значителна мера се подзаборавени од современите македонски автори.

– Оваа поетска збирка изобилува со свежина во пристапот кон читателите, како и со темите и мотивите што ги обработува, и со изборот на формите преку кои ги презентира, со намера да им ја доближи книгата на децата, во време кога електронските медиуми го преземаат нејзиниот примат. Авторката избира теми од секојдневието, од она што им се случува на децата во домот, во средината (градинката, училиштето, улицата, пред зградата и сл.), малите секојдневни „трауми“ и недоразбирања кои се прикажани низ еден благ хумор и со многу топлина, така што успеваат да им понудат на читателите еден поинаков пристап кон проблемите со кои се соочуваат.

Исто така, во оваа книга се среќаваат песни во кои се обработуваат детските симпатии и први љубовни чувства, на начин кој им е близок и прифатлив. Тие целосно се препознаваат во ситуациите во кои се наоѓаат јунаците во песните и оттука книгата се преобразува во своевиден личен „дневник“. Имајќи го предвид сето ова, како и уметничкиот и сугестивен пристап на авторката кон темите и мотивите, книгата „Тажното змејче“ претставува вистинска свежина во нашата современа литература за деца – пишува Весна Ацевска, рецензент на книгата.

Лидија Капушевска-Дракулевска за поетската збирка „Тажното змејче“ на Симона Груевска-Маџоска вели дека таа претставува нешто ново и свежо во литературата за деца, која во последните години сè помалку продуцира изданија што им се блиски на најмладите читатели. Во современата македонска литература веќе подолго време недостасуваат нови пристапи во уметничкото претставување на детскиот свет. Можеби и тоа е една од причините што книгата сè повеќе се оддалечува од децата – тие сè помалку можат да се препознаат себеси во постарата литература наменета за нив.

– „Тажното змејче“ обработува актуелни, современи проблеми поврзани со животот на децата, проблеми кои ги носи новото време, кои многу често на децата им изгледаат огромни, нерешливи, страшни. Тие проблеми авторката ги претставува со многу топлина, со многу хумор и со позитивен пристап кон животот. Тука среќаваме песни кои го обработуваат проблемот на осаменоста кај децата во современиот свет и неприфаќањето од страна на нивните врсници, несигурноста во себеси, потоа „големите“ караници во градинка или на училиште, непослушноста кон родителите, проблемите во семејството, каењето за сторената грешка, првите симпатии и првите љубови итн.

Збирката песни за деца „Тажното змејче“ претставува едно освежување во македонската литература за деца. Изборот на темите и начинот на нивното претставување сигурно ќе предизвикаат интерес кај најмладата публика на којашто ù се наменети – пишува Капушевска-Дракулевска.

Симона Груевска Маџоска е доктор по филолошки науки. Работи во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје. Ова е прва нејзина книга од областа на уметничката литература за деца.

You May Also Like