Денеска (четврток, 5 септември) во 19:30 часот во Спомен-домот на Мајка Тереза, македонскиот музичар и продуцент Дуке Бојаџиев ќе прими благодарница и статуетка за хуманост од граѓанската асоцијација “Скопјанката Мајка Тереза”.
Благодарници и статуетки за хуманост ќе им бидат врачени и на примариус: д-р Јулијана Атанасовска, Трајанка Kамиловска, Слободанка Марковска-Лазова и Теута Kрашница-Чучкова. На добитниците ќе им биде врачено и мултимедијално цеде од новинарот, хуманист и публицист Стојан Тренчевски.
Истата вечер Дуке Бојаџиев со почеток во 23 часот пред љубителите на неговата музика ќе одржи концерт на кој ќе се претстави со дел од својот нов материјал низ електро-акустичен сет. За визуелизација на проектот ќе биде задолжен гостинот од Истанбул, VJ Vidbeat, додека домашна поддршка ќе понудат ди-џеј Илина и ди-џеј Томи Бојаџи. Како загревање пред концертното представување предвидена е забава во арт кафето Концепт 37, кое се наоѓа на Рузвелтова 37.